Според анкетите, близу 70 отсто од Украинците очекуваат да ѝ се приклучат на ЕУ во следните пет години

Првите чекори на официјален Киев кон евентуално европско членство се почеток на долгиот процес, кој ги зголеми влоговите во државата што е во конфликт со Русија, пишува Матијас Матајс за ЦФР

Експресната покана не значи и место во Брисел по брза постапка

Четири дена по почетокот на конфликтот во Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара итен прием на неговата земја во Европската Унија (ЕУ). Европската комисија одговори со препорака за Украина да добие кандидатски статус, а во јуни, дваесет и седумте лидери на ЕУ едногласно ја одобрија таа препорака. Иако патот до полноправно членство веројатно ќе биде долг и напорен, добивањето кандидатура ги разјасни влоговите на конфликтот за украинскиот народ.

Што значи кандидатскиот статус?

Пред почетокот на конфликтот имаше пет земји-кандидати за членство во ЕУ: Турција (од 1999 г.), Македонија (од 2005 г.), Црна Гора (од 2010 г.), Србија (од 2012 г.) и Албанија (од 2014 г.). Теоретски, секој кандидат може веднаш да започне формални пристапни преговори, но во практика, не постои гаранција дека тоа ќе се случи брзо. Во случајот со Турција, преговорите започнаа дури во 2005 година, а разговорите оттогаш се замрзнати. Дополнително, лидерите на ЕУ допрва треба да им дадат зелено светло на Албанија и на Македонија за почеток на формални пристапни преговори. За Украина, симболиката на иднината во ЕУ е важна, но исто така може да создаде лажни очекувања. Една неодамнешна анкета покажа дека близу 70 отсто од Украинците очекуваат да ѝ се приклучат на Унијата во следните пет години. Осум влади на ЕУ го поддржаа апелот на Зеленски за забрзан процес, но доколку Брисел драстично не ги преиспита критериумите за членство, многумина во Украина сигурно ќе бидат разочарани.

Какви реформи се потребни?

Пристапувањето во ЕУ бара исполнување на „Копенхашките критериуми“, кои се засноваат на три столба. Едниот е политички и вклучува почитување на демократијата, владеењето на правото и човековите права. Вториот е економски и бара од потенцијалната членка да има функционална пазарна економија. Третиот е административен и институционален и подразбира вклучување на заедничките законски права и обврски на ЕУ. За одредени нови членки беше релативно лесно да се исполнат овие критериуми. За земји со релативно млада демократија и неодамнешна транзиција од планирана во пазарна економија, процесот може да трае со години, ако не и децении. Во случајот со Украина, период од десет до дваесет години по завршувањето на конфликтот би бил реален. Исто така, можно е ЕУ да ги промени критериумите за членство или да вклучи нов ред земји „поврзани“ со блокот, со статус што нема полноправно членство, нешто што францускиот претседател Емануел Макрон го предложи во форма на „европска политичка заедница“.

Дали поканата за Украина ги усложнува другите напори за пристапување?

Тоа може да влијае врз некои земји-аспиранти, особено во Западен Балкан. Босна и Херцеговина аплицираше во 2016 година, но допрва треба да добие кандидатски статус. Аспирациите на Косово се комплицирани со фактот што не членува во ООН поради ветото на Русија во Советот за безбедност. Исто така, ЕУ не успеа да започне пристапни преговори со Албанија и со Македонија поради тековното вето против Скопје од страна на Бугарија. Постои одреден немир поради чувството дека Украина ги прескокна другите земји што имаат јасна европска иднина. Во исто време, во повеќето земји е јасно дека патот на Киев останува долг и дека широкораспространетите чувства на солидарност со украинскиот народ го оправдуваат таквиот потег. Ова е точно во Источна Европа и Балтикот, но и во земји како Франција, која долго време е поскептична кон проширувањето на ЕУ.

Дали има преседан за прифаќање земја што има територии под туѓа контрола?

ЕУ направи преседан за прием на земја со нерешени граници, како што беше случајот со Кипар во мај 2004 година. На инсистирање на Грција, Кипар беше вклучен во најголемиот бран на проширување на ЕУ, покрај трите балтички земји, четирите земји од Вишеград, Малта и Словенија. И покрај можноста делови од украинскиот регион Донбас да останат под руска контрола во скора иднина, спорните граници на Украина не треба да бидат ненадминлива пречка за Киев.

Како може процесот на пристапување на Украина да влијае на конфликтот со Русија?

Тешко е да се каже како рускиот претседател Владимир Путин ќе реагира на идните чекори во процесот. Тој јасно стави до знаење во минатото дека неговото главно противење е на аспирациите на Украина за членство во НАТО, наместо во ЕУ. Слично на тоа, тој нема проблеми со членството на Финска или на Шведска во ЕУ, но ги гледа нивните апликации во НАТО како провокација. Сепак, настаните од Евромајдан во 2014 година беа поттикнати од тоа што украинскиот претседател Виктор Јанукович избра поблиски економски врски со Русија наместо оние со ЕУ.
Борбата на Украина поверојатно зависи од зголемената финансиска и воена поддршка од Западот, како и од континуираното заострување на антируските санкции. Сепак, кандидатскиот статус за ЕУ ​​му дава на украинскиот народ добредојден морал, бидејќи сега знае за што се бори: слободна, демократска иднина во која се поцелосно интегрирани со Западот и вистинска перспектива, колку и да е далеку во иднината, за членство во ЕУ, со сите права и одговорности што тоа ги повлекува.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска