Фото: Претседател.мк

Политичарите го честитаат празникот

Претседателот Стево Пендаровски денеска, по повод големиот муслимански празник Курбан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Македонија.

Во честитката, Пендаровски испраќа порака да бидеме сплотени и да ја градиме Македонија како наш единствен заеднички дом.

– Посакувајќи многу здравје, радост и бериќет, дозволете да споделам две согледувања за улогата на овој значаен празник. Пред се, Курбан-бајрам е празник на солидарноста и негувањето на добрите навики на милосрдието, дарежливоста и човечноста кон ранливите кои имаат насушна потреба од поткрепа. Важноста на празникот најмногу доаѓа до израз токму во периоди на економски предизвици со кои се соочува нашата држава и поголемиот дел од светот. Истовремено, Курбан-бајрам е нераздвоен дел од вековниот соживот во македонското мултирелигиско и мултиетничко општество. Празничните денови се можност за продлабочување на заемното почитување преку запознавање со традициите на различните од нас – наведува Пендаровски и упатува најискрени желби за добро здравје, радост и благосостојба.

Претседателот во честитката изразува уверување дека „солидарноста кон ранливите и соживотот на различните во овие празнични денови, но и преку целата година, ќе ни помогнат сплотени да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваме на личен и колективен план“.


Ковачевски: Сите неволји можеме заеднички да ги совладаме во духот на вековната традиција на соживот

Премиерот Димитар Ковачевски им го честита празникот Курбан-бајрам на сите граѓани од исламска вероисповед. Тој порачува дека сите неволји можеме заеднички да ги совладаме во духот на вековната традиција на соживот.

– Денешниот голем муслимански празник Курбан-бајрам нè потсетува на нашата најважна човечка мисија – во духот на трпението, несебичноста и пожртвуваноста да се погрижиме за најблиските и сите оние на кои им е потребна подадена рака и да ги сочуваме великодушноста, сочувството и солидарноста кои сега ни се потребни повеќе од било кога. Величественоста на Курбан-бајрам едновремено нè потсетува дека сите неволји можеме заеднички да ги совладаме како и досега – во духот на вековната традиција на соживот – наведува Ковачевски.

Со желби за добро здравје, мир благосостојба, премиерот на сите верници од исламска вероисповед им посакува празничните денови да ги поминат во духовна радост и верба во подобрите времиња кои, како што пишува, заеднички ќе ги славиме во нашата заедничка татковина.


Џафери: Да се обединиме за суштинските прашања

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска упати честитка до припадниците на исламската вероисповед по повод празникот Курбан-бајрам. Џафери во честитката испраќа порака за обединување со цел, како што наведува, надминување на сите пречки или тешкотии.

-Дозволете ми, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име, на сите припадници на исламската вероисповед во земјава и каде и да се сте надвор од неа да Ви изразам честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан Бајрам, со надеж дека празникот ќе ве најде во добро здравје, душевен мир и семејна топлина. Курбан-бајрам, како празник на солидарноста и сочувството, празник на широкоградоста и простувањето, разбирањето и меѓусебната почит помеѓу луѓето, без оглед дали се блиски или далечни, познати или непознати, нека ги облее срцата на сите луѓе и нека ги исполни со радоста што ја носи овој голем ден, Нека биде причина плус за заедничко собирање околу семејната трпеза, за споделување на тоа што го имаме и тоа што го немаме, колку и да е тоа многу или малку, со тие што имаат помалку среќа и благосостојба – наведува Џафери.

Според Џафери, човештвото поминува низ тмурен период на постоење, кога е во прашање безбедноста на животот, економската егзистенција и здравствената благосостојба и граѓаните на Македонија не се исклучок.

– Иако имаме напредна технологија и глобализацијата се чувствува во секој агол, повторно сме далечни и страни. Повторно сме осамени и сами ги биеме нашите интер-персонални и интра-персонални битки. Да не дозволиме барем за суштинските прашања да бидеме сами туку, да се обединиме за надминување на секаква пречка или тешкотија што се појавува пред нас. Да го славиме заедно животот и да ја градиме заедничката иднина. Сите сме неотуѓив дел од ова тло и грижата и чувањето на истото е обврска на сите нас – пишува претседателот на Собранието, Џафери.


Мицкоски: Само сплотени ќе успееме да создадеме подобра иднина

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска, по повод празникот Курбан-бајрам, испрати честитка до сите граѓани од исламска вероисповед. Мицкоски во честитката порачува дека само сплотени ќе успееме да создадеме подобра иднина.

– Во овие одлучувачки моменти во кои се наоѓа Македонија, потребно е да си подадеме рака за да ги надминеме предизвиците, да не се наседнува на смислените провокации кои внесуваат поделби на етничка или верска основа кои се само параван за остварување на некакви други лични интереси. Цврсто верувам дека таквите вештачки поделби се предавство на вредностите во кои што веруваме без разлика на етничка, врска или политичка припадност. Проблемите се исти, желбата за иднина е заедничка. Потребно е сите заедно да работиме за меѓусебно почитување, взаемна толеранција и разбирање, бидејќи само на тој начин можеме да успееме да изградиме држава во која сите ќе се чувствуваме слободни и рамноправни – наведува Мицкоски.

Според него, Курбан-бајрам ја истакнува човечката хуманост, грижливост и дарување.

– Поради тоа Ве повикувам овој празник да го поминете во духот на споделување и помагањето на сите оние на кои им е потребна помош. Само сплотени, одлучни, мотивирани и храбри ќе успееме да создадеме подобра иднина и подобар животен стандард за нашите граѓани во Македонија. Нека е честит Курбан-бајрам, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој од свое лично и од име на партијата го честита празникот и упатува желби за среќа, радост, хармонија, внатрешен мир и добро здравје.


Груби: Солидарност и почит еден кон друг, да практикуваме добри дела

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска упати честитка до верниците од исламска вероисповед по повод Курбан-бајрам.

– Почитувани верници, со моите најсрдечни желби за здравје, просперитет и просперитет во вашите семејства, ви посакувам среќен Бајрам. Патот до среќата лежи во освежувањето на душата во духот на мирот, солидарноста и почитта еден кон друг, доблестите над тежината на која нè учи овој празник – напиша Груби во честитката, која е објавена на неговиот фејсбук-профил.

Нека ни биде секојдневна намера да практикуваме добри дела, порача Груби, и да се потрудиме да станеме причина за меѓусебна среќа.


Таравари: Ова е ден на прошка, разбирање, добрина и мир

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари денеска упати честитка до припадниците на исламската вероисповед по повод празникот Курбан-бајрам.

– Денес целиот исламски свет го слави празникот Курбан-бајрам, што е влезен во историјата на човештвото со овенот што Алах му го испрати на пророкот Ибрахим да не го жртвува неговиот син.

Посакувам овој празник да биде проследен не само со искрени честитки, туку и со посета на блиските и со добри дела, бидејќи овој ден е ден на милост, прошка, разбирање, добрина и мир, наведува Таравари во честитката.

Градоначалникот Таравари изразува желба сите недоразбирања, војни, лутини и омрази да престанат по повод овој Бајрам.


Маричиќ: Во ова време на предизвици да бидеме храбри и решителни, заеднички да останеме на патот за сигурна и просперитетна иднина

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на сите граѓани од исламска вероисповед им го честита празникот Курбан-бајрам.

Во ова време на искушенија и предизвици, порачува Маричиќ, треба да бидеме храбри и решителни и заеднички да останеме на патот за сигурна и просперитетна иднина.

– Денеска нашите сограѓани од исламска вероисповед го чествуваат Курбан-бајрам, празникот кој потсетува за важноста на посветеноста за исполнување на целта, одлучноста и силата на убедувањето. Во ова време на искушенија и предизвици треба да имаме вера, убедување, решителност, храброст и посветеност на вистинските безвременски вредности, но и да бидеме сигурни дека со верба, истрајност и заедништво ќе останеме цврсто на патот на кој ќе обезбедиме сигурна и просперитетна иднина за нашите идни генерации, на која сите ќе бидеме горди – напиша Маричиќ на својот фејсбук-профил.

Тој упатува искрени честитки по повод празникот со желба за добро здравје, благосостојба, напредок, среќа во семејството.

– Ви посакувам Бајрамските празнични денови да ги прославите во духот на традицијата и обичаите, споделувајќи радост со вашите најблиски, пријатели и соседи – дополнува Маричиќ во честитката.


Петровска: Единството и еднаквоста нека бидат наши водилки на патот кон развој и напредок

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на сите граѓани од исламска вероисповест им го честитам празникот Курбан-бајрам.

– Во духот на празникот, споделете ја среќата, радоста и љубовта со сите оние на кои им е потребна, во знакот на вистинските човечки и верски вредности. Во вековната традиција на соживот и разбирање, благородните пораки што ги испраќа овој празник на солидарноста, хуманоста, грижата кон другите, единството и еднаквоста, нека бидат наши водилки на патот кон развој и напредок – пишува Петровска во честитката објавена на нејзиниот фејсбук-профил.