Со овој текст го завршувам серијалот за руско-украинскиот конфликт од теориска, геополитичка перспектива. Низ тринаесет колумни се обидов да фрлам светло на последните настани во Украина, кои не само што деновиве го потресуваат светот туку, веројатно, и засекогаш ќе го изменат. Овој конфликт беше промислуван низ теориската перспектива на некои од најзначајните имиња во геополитиката, наспроти дневнополитичките анализи, кои се краткорочни и често се политички мотивирани и навивачки интонирани.
Идејата беше да се анализира конфликтот низ една трајна и подолгорочна визура, со што ќе се обезбедат валидни општи заклучоци. Затоа што, како што потврдивме во првата колумна од овој серијал – „Ние Украинците“ – историјата навистина се повторува, но не на конкретно, феноменолошко ниво, туку историјата како ноумен, како принцип. Што значи, настаните во секоја историска доба се различни, разновидни, но суштината, принципот се исти. И токму во таа смисла, историјата се повторува, а погледот од геополитичка перспектива дава можност за увид во таа трајна и долгорочна перспектива. Во таа смисла, геополитиката и покрај, за мене, недопустливиот географски, физички детерминизам, сепак е од најголема полза при градење на една валидна философија на историјата, која единствено може суштински да го промислува историскиот феномен.
Но тоа е само мојот философски поглед на историјата, во оваа пригода, ирелевантен. Да се вратиме на геополитиката. Последната колумна беше од перспектива на Ф. Фукујама и неговата „Крајот на историјата и последниот човек.“ Во скоро истиот период кога се појавува оваа книга на Фукујама, еден друг политички теоретичар, Семјуел Филипс Хантингтон, пишува исто толку „скандалозна книга“ со уште поскандалозен наслов од оној на Фукујама – „Судир на цивилизациите.“ А, веројатно, и со уште поскандалозна теза од онаа на Фукујама – дека идниот светски судир нема да биде помеѓу државите, туку помеѓу културите, т.е. цивилизациите. Во овој текст, ќе се позанимаваме со оваа теза и ќе го завршиме овој серијал, некако како и што почнавме со колумната „Ние Украинците“ – дека споделуваме слична, цивилизациски вредна судбина!
Интересно е да се забележи дека и двете споменати книги, на Фукујама и на Хантингтон, првично се објавени како статии во познатото списание „Форин аферс“ – прво онаа на Фукујама во 1989 г., а во 1992 г. и на Хантингтон. Уште поиндикативен е фактот што списанието „Форин аферс“, всушност е политичко гласило на познатиот Совет за надворешни работи (Council on Foreign Relations), невладина, непрофитна организација што ги собира најмоќните политички, научни и економски личности од САД. Советот е формиран во 1921 г., под владеењето на тогашниот претседател на САД, Вудро Вилсон, и тоа непосредно пред Првата светска војна, кога Советот изготвил детален извештај за визијата за поствоена Европа, по поразот на Германија. Да, Советот антиципирал дека Германија ќе ја загуби војната (како?) и со над 2.000 документи на бирото на Вилсон ја исцртал инфраструктурата на идната поствоена Европа. Со Вудро Вилсон и со овој Совет, конечно и завршила ерата на американскиот изолационизам (за што исто така пишувавме) и започнува ерата, би рекле, на американскиот интервенционизам! Иако во почетокот на формирањето на Советот доминантна била изолационистичката струја во САД, па овој Совет во тој период, во извесна смисла бил и таен. Не дека и денес е којзнае колку јавен. Со над 5.000 члена, вклучувајќи не само бивши политичари туку и актуелни, како и шефови на тајните служби и ЦИА, директно одговорен за програмите за дипломатија на Дејвид Рокфелер, овој Совет, иако официјално е невладина и непрофитна организација, сепак нема претседателска администрација на САД, во која повеќе од половина не биле членови на овој Совет. Дури некои од американските претседатели и самите биле членови на овој Совет. Под директно раководство на овој Совет се формирани, исто толку „конспиративните“ „Студии за војна и мир“, финансирани од „Фондацијата Рокфелер.“
Го споменавме овој факт за афилираноста на двете книги, т.е. тези на Фукујама и на Хантингтон со „Советот за надворешни работи“ и списанието „Форин аферс“ како негов гласник, затоа што многу често тука се објавуваат не научни анализи, туку проекции на американската надворешна политика.
Имено, „Форин аферс“ често служи како предвесник на американската политика и американскиот интервенционизам. Така, и оваа теза на Хантингтон за идниот судир на цивилизациите не е објективна анализа на светско-историските процеси и меѓународната политика, туку проекција и навестување на идните американски планови. Во споменатата студија на Хантингтон, тој ја поставува следнава теза: по падот на СССР идните судири нема да бидат идеолошки и на ниво на држави, туку на ниво на цивилизации. При што, тој ги разликува следниве цивилизации: западна (САД, Канада, Австралија, Западна и Централна Европа), и тоа е главно католичко-протестантската цивилизација. Наспроти неа е т.н. православна цивилизација (Бугарија, Кипар, Грција, Романија…). Потоа: исламска цивилизација, источна цивилизација, африканска цивилизација и латино-американска цивилизација.
Интересно е што тој го остава отворено прашањето дали земјите од поранешниот Советски Сојуз ќе станат дел од „западната цивилизација“ или не. Уште поинтересно е што тој, помеѓу споменатите цивилизации, разликува и т.н. „подвоени цивилизации“ или „расцепени земји“ (cleft countries), помеѓу кои ја вбројува и Украина! Неговата теза е дека идниот конфликт ќе биде цивилизациски, и тоа помеѓу западната цивилизација, која со оглед на тоа што е креатор на меѓународниот политички и економски поредок тешко ќе ја прифати појавата на новите и надоаѓачки цивилизации – синео-цивилизацијата (кинеска) и исламската! Тој проектира раст на синео-цивилизацијата и ја гледа Кина како најголема „опасност“ за западната и западните вредности. Дури, предвидува и соработка на кинеската со исламската, кои споделуваат поблиски вредности, како опозитни на западните! Подемот на Кина, тој уште во 90-тите години го нарекува „најголема закана“ за САД! Оваа цивилизација, заедно со исламската, против сега доминантната „западна“, ќе го претставува новиот конфликт во светот во иднина. Идниот конфликт ќе биде, како што еден друг теоретичар го нарече: „The West and the Rest“!
Но, како и во теоријата на Фукујама, така и во овие тврдења на Хантингтон има едно „зошто“ што останува неодговорено. Или кое е одговорено на начин што на незападниот човек му е несфатлив, а особено на тие „расцепени земји“, каква што би била и нашата. И со тоа и тезите на Фукујама и на Хантингтон не претставуваат ништо друго, освен обичен политички памфлет што треба да им служи на американските интереси и нивниот интервенционизам! Имено, зошто воопшто конфликт? Зошто би се случил и зошто треба да се случи тој или кој било конфликт? Хантингтон, се разбира, наведува неколку причини за таков конфликт, кои во суштина се сведуваат на едно – непремостливи разлики помеѓу цивилизациите! Но, навистина, како тоа може да биде причина за конфликт? Од овде се гледа дека проекцијата на овие конфликти се само од перспектива токму на западната цивилизација, од еден западен човек како Хантингтон. За сиот, друг, „нормален“ свет, тоа е причина за соработка, не конфликт. Впрочем, овде веднаш ми паѓа на ум мислата на нашиот учител Гоце Делчев, кој светот го гледаше „како поле за културен натпревар помеѓу народите“! Значи, гледањето „судир на цивилизациите“, наместо „културен натпревар“ не претставува ништо друго, освен „поглед на свет“, визија на светот, перспектива од која го гледате светот! „Судирот на цивилизациите“ е во главата токму на западната цивилизација! Очите на оние што се никнати низ конфликти, секогаш и секаде гледаат конфликти! „Расцепените земји“, како Украина, како нашата, знаат дека коегзистенцијата е можна, мирот е можен, соработката е можна. И ќе се осмелам да речам дека токму во ваквите земји, земји крстосници, земји чувари на разновидноста на традиции, култури и цивилизациски вредности, лежи иднината на светот. Иднината е можна со цивилизацискиот модел на „културниот натпревар помеѓу народите“ на Гоце, не со „судирот на цивилизациите“ на Хантингтон!
Автор: Трајче Стојанов