Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија вели дека ковид-кризата повеќе не е доминантен проблем. Сега станува збор за мултикриза, пред сѐ предизвикана од руско-украинскиот конфликт. Овој последен удар во низата кризи предизвика сериозна непредвидливост и неизвесност во светската економија, што се одразува и врз туризмот
По последиците од пандемијата на ковид-19, туристичкиот сектор е повторно на удар со воениот конфликт помеѓу Русија и Украина. Чувствителноста на туризмот оваа година ќе биде зголемена и ќе биде тешка за туристичкиот сектор, па затоа поставените стратегии ќе треба да се менуваат за да можеме да дојдеме до целосно закрепнување на туризмот дури во 2023 година.
Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арбо травел“, смета дека донесувањето на последната одлука на Владата за укинување на сите мерки дава надеж дека на почетокот на летната сезона можеме да очекуваме зголемување на бројот на странските туристи што традиционално во програмата околу Балканот ја имаат и Македонија како туристичка дестинација.
– Но од друга страна, пак, со војната помеѓу Русија и Украина се откажаа сите групи од овие две држави, кои за време на пандемијата минатата година беа едни од многубројните туристи во Македонија – посочува Нацев.
Според него, со укинувањето на ковид-мерките во многу од европските дестинации повторно се појавува голем интерес за патување и годишен одмор. Главни дестинации за македонските туристи традиционално се грчките локалитети, а со поволните цени и директните чартер-летови голем интерес предизвикуваат Египет, Турција и Тунис. Интерес постои и за егзотичните дестинации Дубаи, Бали, Куба.
– Уште пред извесен период напоменав дека стабилизирањето на туризмот можеме да го очекуваме од април оваа година, а целосно закрепнување во 2023 година, доколку не се случи нешто непредвидено. Доколку сакаме Македонија да стане атрактивна туристичка дестинација, ќе треба да посветиме поголемо маркетиншко претставување, целејќи на пазарите што треба, условно кажано, да ги „напаѓаме“. Мислам дека за времето на пандемијата требаше да направиме јасна стратегија и кампања, но сѐ уште не е доцна. И се надевам дека бројот на странски ноќевања драстично ќе биде зголемен во иднина – напоменува Нацев.
Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија вели дека ова е време во кое ковид-кризата повеќе не е доминантен проблем, туку сега има мултикриза, пред сѐ предизвикана од руско-украинскиот конфликт.
– Овој последен удар во низата кризи предизвика сериозна непредвидливост и неизвесност во светската економија, што се одразува и врз туризмот. Генерално, руските и украинските туристи се многубројни, па нивната загуба секоја од туристичките дестинации ќе се обиде да ја покрие со привлекување туристи од други дестинации. Тоа значи дека интересот за странски туристи на секоја земја ќе биде голем и во таа насока се прават обиди за привлекување што повеќе странски туристи – споменуваат од здружението.
Оттаму додаваат дека кај нас она што е сигурно е дека рускиот и украинскиот пазар се изгубени. Преостанатите традиционални пазари најавуваат присуство, но договорите што ги склучуваат се без 100 отсто потврда, туку отворени договори со можност за раскинување во случај да има непредвидени ситуации.
– Сето ова ја прави несигурна и неизвесна туристичката сезона во нашата држава. Генерално, олабавувањето на мерките е речиси насекаде, особено земјите што се туристички дестинации, тие направија сериозно попуштање на ковид-мерките за привлекување што поголем број туристи. Македонија како дестинација има континуирано движење на домашните туристи речиси секоја година, тоа се потврди и во условите на кризата. Затоа фокусот треба да биде на дојдовниот туризам, бидејќи носењето странски туристи во државата значи и девизен прилив – потенцираат од Здружението за угостителство и туризам.
Како што истакнуваат тие, Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија имало 59 иницирани мерки, предлози, решенија од почетокот на кризата кон надлежните институции.
– Но, за жал, најголем дел од нив остана без реализација. Тие се темелеа на изработени две последователни студии за ефектите на ковид-кризата врз секторот изработени во 2020 година. Во нив уште во мај 2020 година укажавме дека дојдовниот туризам доминантно ќе функционира во регионални рамки и дека ќе треба фокусот да го ставиме на регионот во радиус од 600 километри. Второ, треба сериозна маркетинг-кампања за задржување на традиционалните пазари, но и маркетинг за нови пазари и нови туристи. Нашата држава има потенцијал, но, за жал, недостига реализација – укажуваат од здружението.
Според нив, од исклучително значење за развој на туризмот е Агенцијата за промоција и туризам задолжително да реализира истражувања што се однесуваат на карактеристиките на нашата држава како туристичка дестинација, односно истражувања што ќе дадат одговор за тоа каква туристичка дестинација е Македонија, како и анализа на потрошувачка на производите од домашни и странски туристи.
– Неопходно е државата да создаде услови за туризмот, кој не е мрднат од позицијата во 2020 година. Треба да профункционира и Советот за туризам, кој „не работи“ веќе 15 месеци. Конечно треба да се стави во функција комитетот за туризам, кој е формиран со официјална владина одлука уште во ноември 2020 година, но не профункционирал на вистински начин – нагласуваат надлежните од СКСМ.