Целата помпезност на „свечено објавување“ на резултатите од пописот, во салата на Филхармонијата, со присуство на високи владини претставници, дури и на амбасадори, колку и да е со желба да се потврди како поддршка на довербата за веродостојноста на податоците, толку остава и простор за сомнеж со влијание за одредена опортуна „политичка (пре)коректност“ на целиот процес и крајниот ефект
Вчера ги добивме статистичките показатели од пописот со официјални бројки и резултати, потпишан и признаен од директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, и неговиот заменик Иљми Селами, како гаранти на веродостојноста на податоците. Но за „ликот и делото“ на Симовски и Селами малку подолу. Најпрво за бројките.
По дваесет години без попис на населението и домаќинствата во Македонија, објавената бројка на резидентно население од 1.836.713, предизвикува прв поразителен впечаток за 10 отсто намалување на жителите во земјава, во однос на податоците од 2002 година. Всушност, официјално податоците покажуваат дека бројот на жители во земјава е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти. Тоа е огромен одлив на население, што покажува дека државата отишла во длабок популациски минус.
Нерезидентното, а попишано население изнесува 260.606 лица. Причината што се наведува за намалувањето на резидентното население се големата смртност во текот на овие изминати две децении, но и иселувањето на населението. Таквите информации, преку бројки, наведуваат на првични заклучоци за квалитетот на животот во Македонија, кои не се ни поволни ни за пофалба. Сѐ понатаму е статистика – која како научна дисциплина треба да биде во функција на планирање на економскиот развој на државата, но во Македонија од неа, т.е. од пописот се очекува да даде одговори и аргументи за голем број политички предизвици насобрани низ годиниве без попис.
Таквите политички очекувања од една принципиелно статистичка операција (иако признаена како најсложена) создаваат во Македонија причини и амбиент за политички, етнички, правни, па и дипломатски тензии, кои го предизвикаа директорот на ДЗС (спроведувач на пописот) да изрази стравување уште пред објавување на резултатите дека „по објавување на резултатите ќе биде државен непријател број 1“, а на „свеченоста“ на објавувањето на резултатите да најави дека направил(е) „херојско дело“. Но како може потенцијален државен непријател број 1, како што самиот себеси се оквалификува, истовремено да направил и херојско дело? За кого направил херојско дело? За чии цели? Или зошто истовремено самиот се смета и за државен непријател број еден? Кого предал и изневерил? Во најмала рака збунувачка реторика, нели.
Целата помпезност на „свечено објавување“ на резултатите од пописот, во салата на Филхармонијата, со присуство на високи владини претставници, дури и на амбасадори, колку и да е со желба да се потврди како поддршка на довербата за веродостојноста на податоците, толку остава и простор за сомнеж со влијание за одредена опортуна „политичка (пре)коректност“ на целиот процес и крајниот ефект. Особено што резултатите од пописот, спроведен во септември минатата година, шест месеци во јавноста имаа некаков статус на „строга доверливост“, речиси на „државна тајна“, а една недела пред „големиот ден“ во одредени медиуми почнаа да протекуваат шпекулации за нив. Навистина, јавноста таквите шпекулации ги прифати како пробни балони, за амортизирање на реакциите со сомнеж од оние политички субјекти што ем повикуваа на бојкот на пописот ем најавуваа дека нема да ги признаат резултатите. Но кога ќе ги видите собрани на едно место целиот дипломатски кор и политичкиот врв, некој на прв поглед може да помисли дека сме добиле датум за преговори со ЕУ, а не дека се објавуваат само обични статистички податоци. Или можеби кај нас и не се толку обични, како секаде во светот? Еве уште една тема и дилема за понатамошна опсервација и анализа. Инаку, според објавените податоци, вкупното попишано население изнесува 2.097.319 лица, од кои 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, а 29,52 отсто се Албанци. Има 3,98 отсто Турци, 2,34 отсто Роми, 1,18 отсто Срби, 0,87 отсто Бошњаци и 0,44 отсто Власи. Од вкупното резидентно население, 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци. Од нерезидентното население опфатено со пописот 24,45 отсто се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци. Интересни податоци што се појавуваат во резултатите од пописот се оние за: „6,31 (отсто) лица (од вкупно попишаните) за кои податоците се преземени од административни извори – не се прашани за етничката припадност“ и „7,2 (отсто) лица (од резидентно попишаното население) за кои податоците се преземени од административни извори, а не се прашани за етничката припадност“. Ваквото објаснување за преземени податоци од административни извори и лица што не се прашани за етничката припадност може да предизвика многу нејаснотии и недоумици во иднина.
Затоа ДЗС треба во следните денови да излезе со точно и прецизно објаснување на редица други прашања што се наметнаа и ќе се наметнат за да се елиминираат сите и најмали обиди за евентуални идни политички злоупотреби на податоците од пописот
Кој треба да ја пополни таа празнина од 7 отсто, зошто не биле прашани, од каде и како се преземани податоци од административни извори и дали тие се совпаѓаат со собраните податоци од терен итн? Мноштво прашања остануваат неодговорени.
Затоа ДЗС треба во следните денови да излезе со точно и прецизно објаснување и на ова и на други прашања што ќе се наметнат за да се елиминираат сите и најмали обиди за евентуални идни политички злоупотреби на податоците од пописот.
Инаку, според изјавата на директорот на ДЗС, Апостол Симовски, како Бугари на пописот се изјасниле 3.504 лица, а 1.519 пријавиле дека бугарскиот им е мајчин јазик. Ваквите бројки на македонски граѓани со бугарско самочувство само ја потврдуваат констатацијата дека политичките тези на Софија за некакво бугарско малцинство во Македонија е повеќе измислена пропаганда, која ниту статистички не може да се покаже и докаже.
Несомнено е дека резултатите од пописот и целата операција ќе бидат тема за обработка во јавноста во наредниот период со неодредено времетраење, а реакциите и оспорувањата започнаа речиси веднаш по официјалното објавување. Меѓу другите предизвици што ќе ги отвори на политички план е и оној за симптоматично совпаѓање на бројот на резидентното население со гласачите заведени во избирачкиот список. Како е можно да има приближно ист број на гласачи заведени на избирачкиот список како и на попишани? Тоа само по себе ја наметнува дилемата со бројот на малолетници, кои, нели, не влегуваат во избирачкиот список, но ги има во вкупниот број на попишани лица. Сите овие дилеми треба да се разјаснат. Иако сосема е извесно дека отсега политичките дебати и предизвици ќе се водат и низ призмата на новите статистички податоци.