Сѐ уште сме во фаза на широка трансмисија на вирусот и е рано за укинување на сертификатот по прележана болест. Имаме голем број на новозаразени. Со укинувањето на сертификатите кои важат за контрола на движење на граѓани во затворен простор каде најголема е опасноста од трансмисија на вирусот, ќе направиме многу поголема трансмисија на вирусот, без разлика на искуството што го применуваат Велика Британија, Данска и другите европски земји. Кај нив имунитетот постигнат преку имунизација или вкупниот имунитет преку имунизација или прележување на болеста е значително поголем од тоа што е кај нас. Ова денеска го истакна портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конфернецијата на која ги образложи препораките донесени на денешниот состанок на Комисијата.
Не треба да зборавиме, посочи тој, кај нас процентот на вакцинација со две дози е 40 проценти од населението, споредено со тоа, во Данска има 85 проценти од населението што е вакцинирано, или во Велика Британија некаде преку 80 проценти населението е вакцинирано.
– Не може да ги гледаме работите индивидуално, односно да кажеме дека останатите земји што ги укинуваат сертификатите се добар пример и дека тој треба да го следиме. Треба да видиме каква е актуелната епидемиолошка состојба кај нив, каков е имунитетот што го имаат создадено и ако тоа одговара на нашата епидемиолошка состојба тогаш да го примениме. Во овој момент нема апсолутно никаква логика тоа да го правиме затоа ковид-сертификатите својата важност, односно својата тежина ја добиваат преку тоа што ги штитат тие кои не може да ги имаат. Не зборуваме за лажните сертификати. Зборуваме за сертификати што се валидни – рече д-р Мехмедовиќ.
Доколку имате сертификат што е валиден, појасни тој, тоа значи дека си вакциниран или имате прележано болест, сега според новите препораки што ги даваме и до 180 дена по прикажување на позитивен ПЦР-тест или по вакцинирањето.
– Значи, во однос на тие сертификати што се валидни, се сертификати дека имате никаков имунитет кон вирусот. Заштитата е за тие луѓе кои немаат имунитет и да им се забрани практично да им се овозможи да влегуваат во простории каде може да го изложат своето здравје на опасност или притоа да бидат хоспитализирани или да имаат смртен исход – додаде д-р Мехмедовиќ.