фото: Steven Crawford

Дуке Бојаџиев е македонски композитор, продуцент и пијанист, чии композиции веќе се запишани како евергрини. Има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа и на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, САД. Низ неговата интернационална кариера Бојаџиев има работено со добитници на „оскар“, како Џонатан Деми и Данис Тановиќ, има работено со артисти како Синди Лопер и „Телепоп мјузик“, настапувано во светски дворани, меѓу кои „Карнеги Хол“ во Њујорк, „Авалон театар“ во Лос Анџелес… Соработувал и со пејачката Анџела Мекласки, филмскиот композитор Пол Кантелон, холивудската актерка Џина Гершон и со продуцентот и аудиоинженер на британскиот бенд „Продиџи“, Нил Меклелан.

Пандемијата се одрази врз цел свет. Како ја доживеавте како музичар, но и како човек?
– Пандемијата дојде многу неочекувано и без најава, нè затекна сите неспремни. Од една страна, беше многу тажно што зема многу животи. Од друга страна, донесе радикални промени во нашето секојдневие од кои една корисна е што почнавме да поминуваме повеќе време со фамилијата, сите се насочивме повеќе кон себе и најблиските.
Како музичар ми отвори нови инспирации и нови погледи на светот и животот. Како да акцелерираше некои процеси, кои, да не беше пандемијата, поспоро ќе си течеа. Многу битно во ваква ситуација е човек да го препознае и искористи позитивното, а да не се даде на негативни мисли и чувства, кои некако природно си доаѓаат во вакви стресни услови во кои скоро две години целиот свет живее. Јас секогаш се трудам да ја гледам позитивната страна од промените и да научам нешто од ова искуство.

фото: Приватна архива

Имате соработувано со светски познати имиња. Колку „големите“ се вистина големи? Што е она што го прави еден човек голем?
– Големината ја прави приземноста на човекот. Сите сме на крајот на денот луѓе, без разлика на кариерата, успехот и материјалната состојба. Вистински „големи“ луѓе прават дистинкција помеѓу кариерата и персоналниот живот, својата „моќ“ ја користат со голема одговорност и високи морални вредности.

Изминативе месеци се појавивте со две песни, „Крв да ни се стори“, правена со Каролина Гочева и со Бранислав Николов, како и со „Убав ден“ правена со Дина Јашари. Македонската публика беше жедна за што било создадено од вас. Какво е душевното задоволство кога соработувате со македонски изведувачи?
– Летото бев во Македонија на неколку месеци и сите соработки се случија многу спонтано. Со Каролина и Бранко веќе подолго време соработуваме, па ова беше како продолжение на низата наши убави соработки. Дина ја запознав летово и многу ме инспирираше нејзиниот глас и стил. За мене е огромно задоволство е соработката со наши талентирани уметници, посебно кога така спонтано ќе се случат, радост ми се на душава.

Иако, навидум се чини дека вистинската возбуда се раѓа кога се настапува надвор од земјата, домашната публика, сепак, е онаа со најкритична мисла. Што ви покажало досегашното искуство, каде е „потешко“, повозбудливо и поодговорно да се настапи?
– Одговорноста е секаде голема, но возбудата да се настапи на домашно тло и пред домашна публика за мене е најголема.

фото: Jaap Kroon

Во уметноста секогаш се чувствува шуплината или „позирањето“ во изразот (независно дали се работи за музика, поезија, филм), доколку делата се создавани поради формата и квантитетот, а не поради содржината и квалитетот. Што ќе им порачате на оние што не создаваат од срце?
– Историјата многу пати покажала дека делата создадени од искрени и чисти инспирации остануваат и немаат временски печат. Делата што се прават без искрени инспирации ги немаат тие квалитети. Не е лесно да се биде докрај искрен во уметноста бидејки секогаш постои факторот на профит од кој креаторот мора да живее. До нас е колку ќе останеме верни на своето творештво, а колку ќе му се оддадеме на профитот од истото. Најидеално е кога креаторот е платен за она што го прави искрено и од срце, но тој пат е подолг, потежок и бара повеќе истрајност и многу работа.

Имате завршено медицински факултет, и покрај тоа што имавте афинитет кон музиката уште од дете. Праксата покажала дека патот на уметноста е таков. Таа да е најважна, но да е споредна, да биде хоби, а не професија, ако сакаме да преживееме. Вам ви стана професија. Колку е важно да се следи сонот?
– Јас растев со менталитет и по пример на мојот покоен татко Тодор Бојаџиев, дека од уметност не се живее и дека е добро хоби, но не и професија. Но растејќи со талентиран композитор, кој го прифатил талентот како хоби, секогаш чуствував колку му фали повеќе време за музика, нешто што највеќе го исполнувало, и увидов дека неговите најплодни години биле додека студирал медицина, а потоа кога почнал да работи како доктор времето за музика станува сè помало, а со тоа и креативната моќ.
За време на моите медицински студии паралелно се развиваше и мојот порив кон музиката, и кога го завршив факултетот сфатив дека не можам да го направам компромисот што го направил татко ми, па која и да е цената на тоа. Се преселив во Бостон и ги почнав моите музички студии на „Беркли“. Од тогаш, па наваму, го следам срцето. Колку и некогаш нелогично да звучи во моментот, знам дека на подолг рок сè ќе има смисла.

фото: Стефан Рајхл

Живеевте во Њујорк, сега сте во Париз. Светот е вашиот дом. Ја давате ли својата (до)верба на светот? Покрај неговото грдо лице, колку е важно да го гледаме и неговото чисто срце?
– Сè е до нашата перцепција. Сè може да се види како лошо или добро, зависно од параметрите на нашите ставови кон светот и животот. Јас секогаш пристапувам со добра намера и позитивна мисла, тоа најчесто ми ги отвара вратите. А, пак, оние врати што не ги отвара таквиот пристап, го толкувам како знак дека низ тие врати не треба да се оди.