Како што пишува „Ла стампа“, Италија сега на листата има две културни богатства повеќе од Кина и осум повеќе од Германија
Медиумите на Апенините го поздравија вклучувањето на фреските на Џото во Падова, Монтекатини Терме и средновековните тремови во Болоња на листата на културни и природни богатства на УНЕСКО. Со нив бројот на италијански локалитети на оваа листа се зголеми на рекордни 58. Како што пишува „Ла стампа“, Италија сега на листата има две културни богатства повеќе од Кина и осум повеќе од Германија.
Медиумите на Апенините ја поздравија и одлуката донесена на 44. заседание на УНЕСКО, Венеција да не биде ставена на нејзината „црвена листа“, односно на листата на загрозено наследство бидејќи таа во последните години стана главно сидро за туристичките крстосувачи. За тоа придонесе неодамнешната одлука на државната влада да го забрани минувањето на крстосувачите низ каналот до плоштадот „Свети Марко“.
– Болоњските тремови се препознаени како „извонреден пример за градба што илустрира една или повеќе важни фази во човечката историја“ – велат од УНЕСКО.
Нивната изградба започнала во 12 век. Се протегаат на околу 40 километри во историскиот центар на главниот град на регионот Емилија Ромања. Направени се од дрво, камен или бетон и служат како заштита од сонце или дожд (затоа се вели дека никој во Болоња никогаш не носи чадор), но пред сѐ како место каде што луѓето можат да се дружат и да тргуваат.
„Пасамано пер Сан Лука“ се смета за најдолгата покриена пешачка патека во светот. Оваа мрежа од тремови е долга 3,8 километри, има 664 столба и води од градот до базиликата „Мадона ди Сан Лука“.
Голем број уметнички ремек-дела од 14 век зачувани во Падова, на североистокот на земјата, се вклучени во списокот на светско наследство на УНЕСКО. Заедно со фреските на Џото, има и дела од Менабуои, Гуариенто и Јакопо да Верона.
Монтекатини Терме во истоимениот град во Тоскана се наоѓа во група од 11 града од седум европски земји (Италија, Чешка, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Австрија и Белгија) номинирани за списокот на светско наследство како „бањски градови што нудат исклучителни докази за урбаната архитектура и невидено културно движење“.
Од претходно, Италија на оваа листа ги има историските центри на некои градови, како Рим, Неапол и Фиренца, потоа Венеција и нејзината лагуна, археолошки локалитети како Помпеја или живописниот брег Амалфи.