Излезе збирката раскази „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска, во издание на „Или-или“. Дизајнот на корицата го изработи Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е потпомогнато од Град Скопје.
„Скопје во високата зона“ се состои од раскази, кои, низ четири циклуси, фокусирани на различни визии што временски и просторно се шират во Скопје и околу него, истражуваат различни потенцијални начини на постоење и доживување на искуствата, како можност за трансформирање на постојните перспективи и светогледи. Разнородни по структурата и наративните методи, расказите содржат утописки, дистописки елементи, реинтерпретација на постојни бајки, лични доживувања, како и слики на специфични моменти од животот.
– Читателот посакува да се нурне во кујната на Калина и да ја пронајде онаа суштествена состојка што ѝ го дава неодоливиот вкус на збирката: нејзиниот несомнен урбан сензибилитет, шармантните лингвистички игри и инвентивните раскажувачки експерименти, непретенциозната и спонтана нарација, која ги проникнува реалното и фиктивното, постапката на „очуднување“ на стварноста, критичката визура на некои актуелни „теми и дилеми“… – пишува Лидија Капушевска-Дракулевска.
Калина Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани со книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија.