Изложбата „Сеќавања“ на уметникот Бурим Муфтиу ќе биде отворена во објектот „Чифте-амам“ утревечер, во 19 часот, во организација на Националната галерија.
– Манекенот (кукла во излог) зазема централното место во уметничкото говорење на авторот Бурим Муфтиу, преку фотографии, инсталации и видеопроекција. Сведоштво за една војна, траума на суровата реалност претставена преку личниот израз на поединецот, неговата фацијална експресија преточена во уникатна, горчлива и трајна лузна. Уметникот го претставува хоророт што војната го остава на поединецот и колективот, како потресно наследство и сеќавање на преживеаните и генерациите што доаѓаат. Соочувањето со вистината, прифаќањето на минатото и сегашноста, наедно дава можност за преродба и поубава иднина – се вели во најавата.
Моделите снимени од Бурим Муфтиу веќе не ја рекламираат облеката, туку со изразите на лицата, со скршени екстремитети, необичен нос и очи прифаќаат сторија, разочарување и ужас. Кај инсталациите во кои манекенот е претставен во форма на кукла, тематиката е иста како и кај фотографијата – разочарувањето и болката од стварноста се примарни. Тука се надоврзува и видеоинсталацијата со приказ на имагинарните ликови на манекените сведоци на едни скршени соништа. Авторот преку своите дела го осудува насилството. Ниедно насилство во светот нема оправдување, туку само изговори. Преку фотографии, инсталации и видеопроекција отворено зборува за негирањето на геноцидот и за негирањето на човечките страдања и трагедии.
Бурим Муфтиу е уметник, фотограф, кустос и предавач. Живее и работи во САД и во Косово. Дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Приштина. Специјализира фотографија на Институтот за фотографија, НИИП, Њујорк, САД. Дипломирал и магистрирал визуелни уметности, на универзитет ААБ во Приштина, Косово. Добитник е на повеќе награди. Кураторка на проектот е Татјана Бундалевска од Националната галерија на Македонија.