Попис за отпис
Неделата беше еден од најтажните денови во мојот живот. Ми се потврди тажната вистина дека се брише македонската нација и сѐ што е македонско. Тој ден ме посети овластениот попишувач, млад образован и културен човек. Уредно се легитимира како Д.М. со својот регистарски број.
Сѐ беше во ред, сѐ додека не стигнавме ДО прашањето за НАЦИОНАЛНОСТ. Ме праша на која етничка заедница припаѓам. Бев дециден, НЕ ПРИПАЃАМ НА НИЕДНА ЕТНИЧКА ЗАЕДНИЦА. ЈАС СУМ ПРИПАДНИК НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ПО НАЦИОНАЛНОСТ МАКЕДОНЕЦ. Инсистирав така и да бидам запишан и никако поинаку. Малку збунет се обиде да ми угоди и се обиде да внесе НАЦИОНАЛНОСТ МАКЕДОНЕЦ, но без успех.
Објаснувањето беше дека методологијата за попис преку вградената програма не дозволува националност Македонец. Човекот љубезно ме упати да се обратам до надлежните, па ако ја променат програмата и внесат повеќе опции до крајот на пописот, ќе дојде и ќе ме внесе во пописната листа онака како што се изјаснувам. Тогаш побарав еден примерок од дотогаш попишаното, со мој и негов потпис и мој кодигран број со кој би можел да влезам во базата на податоци за проверка на внесените податоци. Одговорот беше негативен „НЕ БАРАМЕ И НЕ ДАВАМЕ ПОТПИСИ, НЕ ДАВАМЕ ПРИМЕРОК ОД ПОПИСОТ И НЕ ДАВАМЕ КОДИРАН БРОЈ ЗА ПРОВЕРКА НА ВНЕСЕНИТЕ ПОДАТОЦИ“.
Тоа беше моето второ разочарување. Не само што е избришана македонската нација туку во законот и во методологијата за попис не се вградени никакви контролни механизми. Тоа го претвора пописот во обична лакрдија или попис за отпис.
Тука пописот заврши и попишувачот си замина. Тажно, мачно и срамно!!! Браќа и сестри Македонци, тоа што го чуваа со милениуми нашите предци оваа власт го избриша прекуноќ. Македонскиот народ е запишан на две места во Уставот на РМ. Во ООН сме запишани како Македонци со македонски јазик. Во Преспанскиот договор постојат Македонци, македонско државјанство и националност. Така е и во други меѓународни акти. Но во методологијата за попис како подзаконски акт, некој или некои, очигледно одродени Македонци, ја бришат македонската нација. Тоа не е сѐ. По оваа методологија се потпишуваат државјанства. Ќе се потпишуваат и нерезиденти, спротивно на меѓународното право. Веќе знаеме и тоа дека од поодамна, повторно со подзаконски акти се брише македонската нација во изводите на родени, умрени или венчани, при упис во училишта или факултети… Македонската нација се заменува со три коси црти. Поради сето ова, основано можеме да кажеме дека пописот се претвора во отпис, односно бришење на македонската нација. Ова е недозволиво, понижувачки и срамно. Тука имам неколку прашања: 1. Јавно ги прашувам претседателот, премиерот, министрите… ШТО СЕ СЛУЧИ СО ЗАБЕТОНИРАНИОТ МАКЕДОНСКИ ИДЕНТИТЕТ И КОЈ ЈА БРИШЕ МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА?
2. Јавно го прашувам лидерот на македонската ОПОЗИЦИЈА ШТО СТАНА СО 100.000 СОБРАНИ ПОТПИСИ ПРОТИВ ВАКВИОТ ПОПИС И ЗОШТО ГО ОДБЛОКИРАВТЕ НОСЕЊЕТО НА ПОГУБНИОТ ЗАКОН ЗА ПОПИС? ДАЛИ И ЗА ВАС Е ПРИФАТЛИВ ПОПИСОТ ЗА ОТПИС НА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА? И КОНЕЧНО ДАЛИ СО ВЛЕГУВАЊЕ ВО КОАЛИЦИЈА СО АЛИЈАНСА НА АЛБАНЦИТЕ И ВИЕ ЈА ПРИФАЌАТЕ НИВНАТА ПРОГРАМА И ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА? Јавно ги повикувам ЈО и Обвинителството за организиран криминал, по допрен глас да истражат кој со подзаконски акти, спротивно на домашното и меѓународното право, ја брише македонската нација? Простете, но оваа лакрдија од попис мора да се прекине. Истиот тој да се спроведе откако народот ќе ја преземе власта, но со нов закон и методологија за попис, според утврдени меѓународни стандарди.
Дардан Венетски