Македонија сѐ повеќе и повеќе личи на индијанските резервати. Во изминатите децении ниту еден предизвик или проблем не го решивме самостојно, ниту, пак, за него беа прашани македонските граѓани, па и кога се прашани, гласот на нацијата тешко се зема предвид. Можеме да ги обвинуваме странските фактори за оваа состојба, но вината е во нас
Со години слушаме дека Македонија е протекторат, но што е протекторат? Под протекторат најчесто се подразбира држава што е контролирана од друга суверена држава, но оваа дефиниција не го одразува вистинскиот статус на Македонија. Доколку внимателно анализираме, можеме да забележиме дека Македонија многу личи на индијанските резервати во Соединетите Американски Држави. Но што точно се подразбира под индијански резерват? На територијата на Соединетите Американски Држави суштествуваат 362 резервати, во кои живеат околу еден милион припадници на домородното американско население. Споменатите резервати не се држави во вистинската смисла на зборот, но федералната власт ги признава како независни и суверени нации. Затоа Вашингтон на федералните агенции им сугерира да ги третираат контактите со индијанските нации како контакти помеѓу една влада со друга влада.
Со индијанските резервати најчесто управуваат племенските совети, а не сојузните и федералните власти. Законите во резерватите се разликуваат со оние во САД и кога членовите на една индијанска нација живеат на територијата на резерватот не плаќаат данок на сојузните држави. Индијанските нации имаат моќ да одлучуваат кој може да живее во резерватите, а располагаат и со сопствени полициски сили, кои ги истражуваат и гонат криминалните дела.
Навахо, најголемата индијанска нација во САД, има сопствени институции, како што се канцеларија за општински развој, полициски департмент, телекомуникациска агенција, врховен суд, племенски суд, претседател и потпретседател и сл. Меѓутоа индијанското племе Навахо не е независна држава.
Всушност, резерватите имаат ограничен суверенитет, а официјалната терминологија што Вашингтон ја користи за племенските резервати гласи дека тие се – домашни зависни нации. Оваа зависност е очигледна од фактот дека индијанските нации немаат право да објавуваат војна, ниту пак да пуштат во оптек своја валута. Исто така, сериозните криминални дела што се извршени на територијата на резерватите се истражуваат од страна на Федералното биро за истрага (ФБИ) и јавните обвинители на САД.
Ако го земеме предвид ова, тогаш слободно можеме да кажеме дека Македонија сѐ повеќе и повеќе личи на индијанските резервати. И тука не мислиме на барањето на одредена македонска политичка партија, ФБИ да се вклучи во евентуална нова истрага за случајот „Монструм“ или, пак, за извештаите во кои можеме да прочитаме дека службениците на американската ДЕА потврдиле дека се вклучени во истрагата на МВР и Основното јавно обвинителство при заплената на одредено количество наркотични средства. Ниту, пак, мислиме на информацијата дека се приведени деветмина припадници на МВР со поддршка од регионалната канцеларија на Амбасадата на САД.
Говориме за нешто посуштествено! Ние ги изгубивме суверенитетот и независноста како држава. Зошто? Во меѓународното право под суверенитет се подразбира надворешна и внатрешна независност на една држава, а под независност се подразбира суверено владеење на државата од нејзините граѓани. Со други зборови, независните држави самостојно се соочуваат со предизвиците.
Но каде сме ние во оваа приказна. Во изминатите децении ниту еден предизвик или проблем не го решивме самостојно, ниту пак за него беа прашани македонските граѓани. Во овој дух се Привремената спогодба меѓу Република Грција и Република Македонија (1995 год.), Охридскиот рамковен договор (2001 год.), Пржинскиот договор (2015 год.) и Преспанскиот договор (2018 год.), донесени со посредство на Ричард Холбрук, Франсоа Леотар, Хавиер Солана, Питер Фејт, Џејмс Пердју, Џес Бејли, Метју Нимиц и др.
Македонија не е држава во вистинска смисла на зборот, бидејќи државата е збир на институции што ги создаваат и регулираат правилата на владеење, притоа државата секогаш мора да има внатрешен и надворешен суверенитет врз одредена територија. Но ние немаме институции и затоа ја изгубивме државата. Доколку сакаме да ги возобнови суверенитет и независноста како држава, потребно е да создадеме институции во вистинската смисла на зборот, бидејќи без нив државата не може да егзистира. Доколку не се ослободиме од клиентелизмот и корупцијата, доколку не воспоставиме владеење на правото, Македонија и понатаму ќе ја третираат како надворешна зависна нација. Можеме да ги обвинуваме странските фактори за оваа состојба, но вината е во нас. Потребни се стратегија и системско решение на проблемите, но тоа ќе зависи од обединувањето на македонското општество. Дури тогаш можеби ќе нѐ третираат како рамноправен партнер, а не како индијански резерват.