Обвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски, познат како Боки 13, бара изземање на обвинителката Вилма Рускоска, бидејќи, како што истакна на денешното рочиште, нејзиното однесување е тенденциозно, непрофесионално и понижувачко. Згора, тој кажа дека Рускоска веќе не се појавува на судењето, а честопати се менувале и обвинителите кои ги праќала како нејзина замена.
– Го молам државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да одреди кој е застапник на ова обвинение, кое опстојува на стаклени нозе и без докази. Рускоска мислеше дека е доволно да го поднесе обвинението, а потоа да ги праќа своите заменици кои не се упатени во предметот. Сметам дека Јовески треба да ја изземе Рускоска и да назначи нов обвинител – вели Јовановски.
Денешното рочиште продолжи со изведување материјални докази од направените финансиски истраги.
За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Јовановски, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени, за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како потпретседателка на невладината организација е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.