Паскал Сориот, директорот на компанијата „Астра зенека“, која развива вакцина за коронавирусот, и се очекува да биде одобрена од властите на Велика Британија неделава, верува дека нивната вакцина ќе биде ефективна против новиот вид на коронавирусот што предизвикува брзо ширење на инфекции во Велика Британија, пренесува британски „Тајмс“.
Сориот исто така изјави дека истражувачите на „Астра зенека“ ја откриле „победничката формула“ што би ја направила нивната вакцина ефективна исто колку и вакцините на нивните конкуренти.
Досега постоеше загриженост дека вакцината на „Астра зенека“ не е ефикасна како онаа на „Фајзер“, што веќе се дистрибуира во Велика Британија и во други земји. Делумни резултати покажуваат дека таа има околу 70 отсто ефикасност за спречување на инфицирање со коронавирус, во споредба со ефикасноста од 95 отсто на вакцината произведена од „Фајзер“ и „Бионтек“.
На прашањето дали вакцината е ефикасна и против новата варијанта на ковид-19 која беше откриена во Велика Британија, Сориот смета дека нивната вакцина треба да биде ефикасна, но оти е потребно да биде тестирана.
Британските власти ја обвинуваат новата варијанта на вирусот за зголемената стапка на инфекции низ земјата. Но, иако мутираниот коронавирус полесно се шири, засега нема доказ дека резултира со потешки симптоми.
Голем број земји го забранија влезот на патниците кои доаѓаат од Велика Британија, но оттогаш се пријавени случаи на новиот вид на коронавирус во десетина земји ширум светот.