Вашингтон – Претставничкиот дом на САД усвои привремен предлог-закон за буџет за да се избегне затворање на Владата, само шест недели пред изборите закажани за 3 ноември. Како што пренесе РСЕ, Домот гласаше со 359-57 за мерката, откако демократите постигнаа договор со Белата куќа и републиканските пратеници. Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, членка на Демократската партија, изјави дека е постигнат договор со министерот за финансии, за да се спречи затворање на големи делови од Владата по крајот на фискалната година, на крајот на септември.
Париз – Бројот на инфекции со коронавирус и смртни случаи во домовите за стари лица во Франција повторно се зголемува, првпат по неколку месеци. Семејствата на корисниците стравуваат дека властите не научиле доволно од првиот бран на пандемијата, кога постарите жители биле затворени во старските домови, а вработените немале заштитна опрема, пишува АП. Од 31.338 лица за кои е потврдено дека починале од коронавирус во Франција, повеќе од 14.000, или речиси половина, живееле во старски домови.
Лондон – Новите рестриктивни мерки што ги објави премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, против ширењето на коронавирусот, наидоа на жестоки реакции во јавноста и деловните кругови. Опозициските лабуристи бараат појаснување на предлогот за користење на војската како поддршка на полицијата во рамките на новите ограничувања за борба со коронавирусот. Во меѓувреме, портпаролот на Џонсон објасни дека ангажманот на војската ќе значи дека армијата исполнува одредени задачи, пренесува „Скај њуз“.
Минск – Александар Лукашенко вчера ненадејно и без најава положи заклетва за новиот претседателски мандат, пренесува државната новинска агенција „Белта“. Церемонијата за положување заклетва, која беше најавувана како голем настан во претходните ситуации, се одржала по контроверзните резултати од изборите на 9 август. Агенцијата наведува дека Лукашенко ја положил десната рака на копијата на Уставот и дека положил заклетва, а на церемонијата присуствувале неколку стотици луѓе.