Ако има потреба ќе бидат препорачани и воведени рестриктивни мерки. Вака техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче одговорија на прашањата за воведување на рестрикции поради бројот на новозаболени од ковид-19.
– Ако има каква било потреба или оправданост која што ќе произлезе од Комисијата за заразни болести секако дека ќе носиме одлуки затоа што наш голем приоритет е ние да се заштитиме, да ја заштитиме државата и да го заштитиме здравјето на граѓаните – изјави Спасовски одоговарајќи околу тоа дали е можно затворање на северната граница со оглед на состојбата со коронавирусот
Премиерот е дециден дека никој не ги посакува рестрикциите и апелираше до граѓаните да не го потценуваат вирусот и да се придржуваат до мерките за заштита.
Според него, епидемолошката слика не само кај нас, туку и во регионот е иста речиси секаде и веќе не се разликува многу и во некои други држави во Европа. Токму тоа, како што Спасовски, била клучната причина зошто дошло до отворање на границите.
Министерот Филипче, пак, истакна дека досега не е разговарано за евентуално затворање на границите и за големиот проток на луѓе од Србија и Косово.
– Ако во било кој момент одлучиме дека е потребна некаква рестриктивна мерка дали е тоа премин преку граница или рестрикција во движење во било кој дел од земјата, тоа ќе го препорачаме – изјави Филипче по средбата со претставници на Здруженијата за ретки болести во Градскиот парк.