Фросина Ременски, третообвинета во случајот „Меѓународен сојуз“, заедно со Бојан Јовановски – Боки 13, бара да се изземе обвинителката Вилма Русковска од случајот, бидејќи, како што рече, постојат цврсти докази дека „во сите фази на предистрагата и истрагата има селективност во постапувањето преку кршењето на правата на одбраната, но и во делот на попречување на правдата“.
Како една од причините за изземање, Ременски наведе дека Русковска вршела незаконски претрес во нејзиниот дом.
– За ова постојат повеќе од 16 докази приложени во барањето за изземање до државниот јавен обвинител, за што е прифатена и тужба до Судот за човекови права во Стразбур. Очекувам државниот јавен обвинител да ги разгледа совесно и професионално да одлучи за нејзино изземање како застапник на обвинението, во контекст на мене и на сите во случајот, затоа што се сомневаме дека сериозно е загрозена независноста и објективноста на постапката – рече Ременски.
Таа како почесен претседател на „Меѓународниот сојуз“, е обвинета заедно со Бојан Јовановски како претседател, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ како потпретседател, таткото на Јовановски, Миле Јовановски и неговата асистентка Христина Блажеска. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како почесен претседател на невладината организација е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. При претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола.
Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13 и ги оштетиле со повеќе од милион евра.
Судењето почнува денеска, а Ременски тврди дека нејзиното име во обвинението се спомнувало само два пати, и тоа единствено затоа што сакала да даде поддршка на еден добар проект кој требало да го реализираат трети лица.
„Ова може да има последици и во иднина, за сите јавни функционери кои ќе поддржат нешто што нема да биде реализирано од трети лица“, рече Ременски.
Судии во овој случај се Софче Гаврилова-Ефремова и Васка Николовска-Масевска, истите судијки кои го судеа случајот „Рекет“, каде Бојан Јовановски беше осуден на девет години затвор, а ексшефицата на СЈО Катица Јанева доби казна од седум години затвор.