На падините на Водно утре ќе се одржи 17-то Европско првенство (ЕП) во планинско трчање, во сениорска и во младинска конкуренција. На првенството, прво во Македонија од ваков вид, ќе настапат 254 натпреварувачи од 29 земји, меѓу нив и од Македонија.
Боите на Македонија ќе ги бранат Весна Кираџиева, Адријана Поп Арсова, Миљана Ристиќ, Атанас Анчевски, Александар Кирковски, Марјан Бонев, Милош Ранчиќ и Муџафид Муслими во сениорска и Елена и Емилија Лазаровска, Хајрие Азири, Дејан Ангеловски, Матеј Драгановски и Хашим Куртиши во младинска конкуренција.
Почетокот на трката на патеката долга 10,9 км е на Средно Водно (10.45 и 12.30 часот), потоа се трча кружно, со цел повторно на Средно Водно. На ЕП ќе учествуваат атлетичари од Италија, Турција, Хрватска, Чешка, Словенија, Велика Британија, водечките земји во планинското трчање.
Меѓу македонските атлетичари, шанси за добар пласман му се даваат на Атанас Анчевски, член на Делта од Скопје, кој пред две недели ја одбрани титулата државен првак во планинско трчање.
– Конкуренцијата ќе биде навистина силна, па, оттаму, успешен настап за мене би бил пласманот меѓу првата половина од тркачите. Добро сум подготвен, очекувам добра трка, која би требало да биде доста брза, а посакувам и подобри временски услови на патеката на Водно отколку последниве денови – вели Анчевски, за кого ова ќе биде трет настап на ЕП.