Судечкиот совет со кој претседава судијката Џенета Бектовиќ на денешното рочиште за случајот „Трезор“ донесе решение на обвинетиот Горан Грујевски да му се суди во отсуство, со оглед дека Врховниот суд во Атина донел одлука против екстрадиција на обвинетиот и со истата е прекинат неговиот притвор и е пуштен на слобода. Во контекст на тоа Судот го зема во предвид и известувањето од СВР Скопје дека Грујевски не е достапен на органите на прогон.
По паузата Судот констатира дека се исполнети условите за одржување на главната расправа, со што почна судењето за овој предмет.
На обвинителна клупа во Кривичниот суд се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешен шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.
Бранителот на Грујевски, Петар Василев побара писмено решение за одлуката, со цел да оствари прво на жалба.
Претходно, по исвршениот увид Судот констатира дека Врховниот суд во Атина донел одлука со која се прифаќа формално и суштински жалбата на обвинетиот и се одлучува против екстрадиција и да му се суди во ПЈРМ.
– Со истата одлука се прекинува неговиот притвор и тој ослободува од затвор, ако не се држи по друга причина. Судот констатира дека во причините се наведени обвинителните акти за „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ – кажа судијката Бегтовиќ.
Обвинителот од СЈО, Артан Ајро рече дека по одлуката и изнесувањето на адвокатот Горан Грујевски дека е слободен граѓанин го повлекува предлогот за одвојување на постапката и побара да му се суди во отсуство.
Адвокатот Василев, на ова реагираше дека предлогот е преуранет со оглед дека екстрадициската постапка не е целосно завршена.
– Одлуката не значи и завршување на постапката за екстрадиција. Таа завршува со одлука на министерот. Сметам дека ваквиот предлог е преуранет и барам Судот да го одбие – рече Василев.
Јавниот обвинител од СЈО Трајче Пеливанов, по однос на изнесувањето на адвокатот Василев, рече дека треба тоа да се одбие бидејќи Грујевски е веќе слободен граѓанин во Грција и може да го повлече барањето за азил и да се соочи со обвиненијата за кои се товари во Македонија.
Василев реагираше на тоа и кажа дека, доколку СЈО ја прочитало убаво одлуката од Судот во Атина ќе видело дека обвинетите не се слободни граѓани зошто се баратели на азил, туку бидејќи се помилувани од претседателот Ѓорге Иванов.
Обвинителот Ајро рече дека Горан Грујевски, а ни останатите обвинети во овој случај, Сашо Мијалков, Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ, не се аболицирани во овој предмет.
Обвинетите во „Трезор“ се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.