Велика Британија денеска го забележа најголемото дневно зголемување на смртните случаи од Ковид-19, а нагло пораснал и бројот на заразени лица.
Бројот на починати се зголеми за 87 на 422 денеска наутро, што е дневен скок за 26 проценти, соопшти Министерството за здравство на Велика Британија.
Бројот на потврдени случаи се искачи од 6.650 на 8.077, што е дневно зголемување за 21 процент по неколку дена во кои изгледаше дека бројот на новозаразени забавува.
Премиерот Борис Џонсон вчера им препорача на Британците да останат во своите домови и воведе ограничувања.
– Сите продавници освен оние кои се неопходни мора да бидат затворени веднаш, а на граѓаните повеќе не им е дозволено да се сретнуваат со семејството или пријателите – рече Џонсон во телевизиското обраќање, предупредувајќи дека оние што нема да се придржуваат ќе бидат казнети.