Одлуката за аудиоматеријалот што го достави пратеникот Антонио Милошоски ќе биде донесена по преслушувањето и извршената анализа, информира Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, преку соопштение.
Милошоски денеска ги достави снимените разговори поврзани со случајот „Рекет“ на шефицата на Јавното обвинителство за организиран криминал Вилма Русковска на средбата закажана на негова иницијатива.
– Обвинителката беше коректна, направи записник по предадениот материјал и рече дека истиот ќе го вкчучи во истрагата за Меѓународниот сојуз. Како што кажав, овие записи покажуваат дека Зоран Заев знаел за финансирањето на оваа невладина организација и на 1ТВ. Да нема никакви дилеми, јас како правник порачувам дека најдобро би било обвинителството да го повика Заев да даде исказ во однос на сомничењата. Ова е засега се што имам, доколку имам друг материјал, би постапил исто како сега. И за да нема прејудицирања, би било добро Зоран Заев да дојде да се изјасни дали знаел или не знаел како се финансираат и Меѓународниот сојуз и 1ТВ – изјави пратеникот Милошоски по предавањето на аудио материјалот.
Пратеникот ја објави истата снимка на Комисијата за европски прашања, а транскриптот од разговорот им го подели на пратениците. Во транскриптот што Милошоски го прочита, наводно З.З води разговор со друго лице чиј идентитет е непознат, а зборуваат за осомничениот за „Рекет“, Бојан Јовановски. Според транскриптот, Заев наводно вели дека Јовановски за 1ТВ добива пари од бизнисменот Силјан Мицевски, како донација преку проектот за старечките домови на Меѓународниот сојуз.