Судијата Огнен Ставрев, кој го суди предметот „ТНТ“, по паузата која што ја даде за да им назначи адвокати по службена должност на обвинетите, откако нивните утрово не се појавија на рочиштето, рече дека ова што се прави со бранителите е со цел опструкција и одолговлекување на процесот.
Ставрев кажа дека на сите досегашни рочишта меѓу себе се заменувале во постапката, а овој бојкот на судењето, значи само едно, одлагање на рочиштата.
-На 50 места се заменувавте. Ви дозволив. И доаѓа крај на судењето и вие се откажувате. Не е во ред. Не е фер. Ова е злонамерно – коментираше Ставрев.
Обвинетиот Тони Трајковски рече дека не било фер да добива адвокат неколку часа пред да даде одбрана, а неговиот бранител, кому му откажал полномоштво го бранел две години.
-Ние не сме виновни. Нас ни се ускратува правото. Во десет навечер ни закажуваат судење во 8 саат – посочи Трајковски.
Обвинетиот Миле Јанакиески кажа дека бара да бидат испитани само двајца сведоци, Фијат Цаноски и Адријан Амзоски. Судијата рече дека треба да се испита и Никола Груевски, но не е тука, на што Јанакиески дополни „за жал, не е“.
Ексминистерот за транспорт и врски кажа дека нема потпишано едно ливче за овој настан за кој му се суди и во интерес и на јавноста, треба да се сослушаат овие сведоци, кои, како што рече, судот не му ги прифатил.
Утрово судот казни тројца адвокати со глоби од над 2.000 евра зашто неоправдано не се појавија на судењето за случајот.
Во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.