Владата информира дека настанот во МНТ, на кој навивачка група несоодветно се однесува и скока по инвертарот, не е во организација на ниту една државна институција и не смее никако да се поврзува со владиниот настан за одбележување на Денот на албанската азбука, кој, како што велат од владината прес-служба, помина во најдобар можен ред.

– Владата го оценува несоодвеното однесување како злоупотреба на гостопримството во Македонскиот народен театар, и истото најостро го осудува – се наведува во соопштението на Владата.

Очигледно е дека организаторот на овој настан, како и иницијаторот тој да биде одржан во МНТ, не го подготвиле и организирале настанот согласно стандардите и очекувањата за манифестации што се организираат во национални културни установи од највисоко значење.

Владата очекува организаторот и иницијатор на настанот да ја надомести направената штета во Националната установа Македонски народен театар и да се извини на граѓаните за несоодветното однесување“ стои во соопштението од Владата.

Навивачката група „Шврецери“ на фудбалскиот тим Шкупи од Чаир во петокот влегла во Македонскиот народен театар да го прослави својот 30-годишен јубилеј и да го проследи документарниот филм снимен по овој повод.

Според првичните информации, толпата навивачи дивеела во Театарот и направила значителна материјална штета, која во моментот ја проценуваат екипи на Министерството за внатрешни работи.

Од видеа од прославата објавени на Јутјуб и на социјалните мрежи се гледа дека навивачите бурно скандираат качени на столовите, со удирање по инвентарот во салонот на МНТ.


Министерството за култура: Не беше најавено дека „Шверцери“ ќе слават во МНТ

Министерството за култура соопшти дека до дирекцијата на Македонскиот народен театар во петокот не било пријавено присуство на навивачката група и дека било најавено прослава на Денот на албанската азбука и проекција на филм.

Во МНТ во петокот било најавено одржување два настана – свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група“, велат од Министерството кога во јавноста се појави видео од прослава на навивачката група на фудбалскиот тим Шкупи од Чаир, „Шверцерите“, во МНТ.

Сметаме дека, велат од Министерството, во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата.