По 23-ти пат Македонија го доби автомобилот на годината. Завчеравечер, за време на свечената манифестација во винарницата „Камник“, на која присуствуваа голем број гости, пријатели на импортерот и љубители на автомобилите официјално беше доделена блескавата статуетка на брендот „Дачија“, за најновиот модел „дастер“.
Претседателот на стручното жири, по своето обраќање и образложување на одлуката во име на жирито, Горан Антевски, му го предаде признанието на Жељко Барбарич, менаџер за продажба на групацијата „Рено“ за регионот Адриатик.
– Националното жири се раководеше од шест критериуми: адекватност и понуда на домашниот пазар, економичност и еколошка прифатливост, безбедност и примена на технолошки достигнувања, возни својства, дизајн, комфор и опременост. Секогаш е тешко да се одбере најдобриот во сегментот на пазарот што постојано расте, но моделот „дачија дастер“ не е само уште едно теренско возило. Тоа е автомобил што сигурно ќе ги задоволи личните, семејните, па дури и бизнис-потребите. „Дачија дастер“ се издвои според критериуми што се особено важни за македонскиот пазар, како што се адекватност и понуда на домашниот пазар, каде што „дачија дастер“ ја направи решавачката предност – изјави Горан Антевски.
При преземањето на наградата, Барбарич кажа дека за групацијата „Рено“ изминатата 2017 година била исклучително важна година.
– Алијансата со „Нисан“ се покажа како неверојатно успешна приказна, која го осигури местото број 1 на светско ниво. Исто така, групацијата оствари 4 рекорди по број на продадени возила, вкупни приходи, нето-добивки и оперативна маржа. Со модели како што е новата „дачија дастер“ и вакви партнери во Македонија, како „Аутомотив груп“, сигурен сум дека пред нас се нови рекорди – истакна Барбарич.
За време на свечената манифестација му беше доделено и признанието „Томислав Билљарац“ за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија на Владимир Воиновски од „Еуроимпекс“.