Фото: Игор Бансколиев

Одлуката за укинувањето на царинската давачка за увоз на замрзнато свинско месо нема да го наруши домашното производство на свежо свинско месо, велат од МЗШВ, бидејќи се работи за привремена мерка, а увозот ќе биде строго контролиран и наменет исклучиво за потребите на месната индустрија како суровина

Укинувањето на царинската давачка за увоз на замрзнато свинско месо треба да придонесе кон зголемување на извозната конкурентност на домашната индустрија за производство на преработки од месо, но во случај ако не се воведат соодветни механизми и контроли, можно е увозното месо да им направи конкуренција на домашните производители.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) истакнуваат дека сето ова ќе има позитивни ефекти, ќе влијае на зголемување на обемот на производство, извозот и искористеноста на капацитетите и зголемување на бројот на вработени во домашната индустрија за месо.

Како што вели Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агрофаланга“, со укинување на царинските давачки за увоз на смрзнато свинско месо, навистина ќе се зголеми конкурентноста на домашните производствени капацитети при извоз нa други пазари.

– Но, сепак, мора да постојат и контролни инструменти со кои ќе се внимава оваа мерка да не се одрази штетно на домашните произведувачи на свинско месо. Увозното смрзнато месо што доаѓа од држави со подобри услови за тоа, како што е ниска производна цена на храната и пософистицираното производство, е далеку поповолно за нашите преработувачи од домашното. Цената на нашиот производ како свежо свинско месо е далеку повисока, и е диктирана од цените на инпутите што учествуваат во самото производство. Сепак, увозното месо не смее да направи конкуренција за домашното производство. Тоа за нашата кревка производна индустрија би било погубно – смета Станковски.

Тој додава дека постојат многу начини на кои смрзнатото месо би дошло на нашите трпези, а би се декларирало како свежо домашно, додавајќи дека кога Владата донесува вакви одлуки, битно е тоа да биде проследено и со соодветни механизми за контрола на пласирањето на производот.

– Што се однесува до увозот на месни преработки, потребно е да се постави прашањето со кој квалитет, бидејќи за ист производ постојат неколку класи квалитет. Проблемот е во тоа што приоритет ѝ се дава на цената, а не на квалитетот. Околу тие детали се вртат сите измами во трговијата. Во преработувачката индустрија имаме цела палета сурогат-состојки што служат за измама на граѓаните. Во некои производи нема ни месо, а се декларира како месна преработка – нагласува Станковски.
Претседателот на „Агрофаланга“ вели дека ако сакаме како држава да ги поставиме работите на место, прво би требало да поставиме класи на производите и задолжителен процент на месо во секоја од нив. И потоа секој потрошувач би можел преку цената да избира која класа ќе ја консумира.

– На овој начин производите со пониска класа, им прават сериозна конкуренција на поквалитетните производи. На крајот од таа битка, во која секој преработувач се бори да изнесе на пазарот што поевтин, како и понеквалитетен производ, најмногу губат граѓаните-потрошувачи. Тие се осудени да консумираат безлични преработки, затруени со конзерванси, засилувачи на вкус и кои најчесто немаат месо во својот состав – објаснува Станковски.

Од Министерството сметаат дека со донесување на ваквата одлука се очекува производството на трајни и полутрајни производи од свинско месо за шест месеци да се зголеми за околу 3.000 тона, а извозот за околу 10 отсто, што крајно ќе доведе до зголемување на бројот на вработени во домашната месна индустрија за околу 25 отсто.

Анализите, како што истакнуваат од Министерството, покажале дека Република Македонија има многу повисоки царински стапки на замрзнато месо од соседните земји, што ја прави домашната индустрија понеконкурентна во однос на земјите од регионот.

– Како резултат на тоа, производството на преработки од месо во 2016 година е намалено за 25 отсто во однос на 2013 година, а капацитетите работат со 28 отсто искористеност. Вкупниот извоз на преработки од месо изминатите години континуирано се намалува, во 2016 година е намален за 26 отсто во однос на 2012 година, додека увозот, пак, на преработки од месо во истиот период бележи раст од 22 отсто. Од друга страна, домашните производители на свинско месо не можат да ги задоволат потребите на месната индустрија со свинско месо – нагласуваат од МЗШВ.
Оттаму наведуваат дека оваа одлука нема да го наруши домашното производство на свежо свинско месо, бидејќи се работи за привремена мерка, увозот на замрзнато свинско месо и други производи од свинско ќе биде строго контролиран и наменет исклучиво за потребите на месната индустрија како суровина.

– Агенцијата за храна и ветеринарство и сега и во иднина ќе спроведува редовни контроли кај операторите што увезуваат замрзнато свинско месо и во малопродажба, за да се обезбеди квалитетен производ за потрошувачите, и ова месо да се употребува исклучиво за неговата намена, за месната преработувачка индустрија – појаснуваат од Министерството.

Претставниците на месната индустрија очекуваат во наредните шест месеци, додека трае одлуката за укинување на царинските давачки, да ги реализираат своите очекувања за зголемување на производството.
Според нив, со укинувањето на увозните царински давачки производителите на свинско месо нема да бидат загрозени зашто мерката не е стопроцентна, туку се однесува на ниво на 50 отсто од утврдените потреби за суровини.
– Првпат по толку години добиваме одлука што нѐ спасува од тотален колапс. Капацитетите работат со 20 до 30 отсто, а наедно сме и дискриминирани во однос на странските увозници. Со новата мерка на Владата се покажа дека некој во оваа држава мисли и на индустријата на преработувачи на месо – вели Слободан Кутревски од „Пекабеско“

Тој дополни дека одлуката не значи обезбедување субвенции или стимулации за месната индустрија, туку само изедначување на условите за домашните компании и извозниците.
Влатко Ѓорѓиевски од МИК – Свети Николе напомена дека со ваквата одлука на Владата ќе се зголеми конкурентноста на домашната месна индустрија и таа ќе си го најде своето место на домашниот пазар.

– Се надеваме дека во следните шест месеци месната индустрија ќе успее да ги произведе оние количества што досега се увезуваа. Процените на преработувачите се дека поскапите свински производи како печеницата, вратот, пршутата, куленот и чајната ќе поевтинат за повеќе од 30 денари, а производите како виршлата помалку – нагласува Ѓорѓиевски.