Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: Њ!!! Њ не можете да ја најдете на почетокот на некој збор. Навистина не можете. Ќе ја најдете таму при крајот или на крајот на некој збор. Затоа Њ може да биде коњ, бања, дуња, молња… Сега да ве прашам вака: Ја знаете приказната за коњот од Коњари што бил брз како молња? Ако не ја знаете, тука сум јас за да ви ја раскажам. Толку, како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што ја содржат буквата Њ да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за еден коњ што бил брз како молња. Ај што бил брз како молња, туку бил на една Соња од Коњари, која не знаела што да прави со него. За коњите брзи како молња, ќе признаете, тешко се наоѓа јавач. Ниту Соња ниту, пак, жителите на Коњари не знаеле што да прават со коњот. Мислеле, мислеле и… не смислиле ништо. Демек, овој коњ бил над сите други коњи, та, тие, другите, ги фаќало срам, не биле како него, затоа. Коњот молња не пасел трева, туку јадел корења, ги лижел камењата по околните ридишта, а пред легнување се бањал во Коњарска Река. Чуден коњ бил коњот молња од Коњари. Кога виделе другите коњи дека коњарчани не го нашле спасот за коњот молња, почнале да не одат по дрва, да ги кршат самарите и да не одат на орање. Работата дошла до конец, а кога ќе дојде до конец, може да се скине. На коњот молња се обидувале да му стават самар, каков самар! Се обидувале да го впрегнат и да ора, од ралото не останало ништо. Кутра Соња од Коњари. За коњот разбрале и најпрочуените јунаци, демек тие ќе го смиреле, ама до три… еден, два, три, паѓале ко камења од грбот на коњот молња. И, кога сите помислиле дека му дошол крајот на Коњари, дека Коњари не е веќе Коњари, на сретсело се појавила преубавата Невена, Невена невен в градина. Дошла и веднаш побарала да го види коњот молња.

– Каде е – подвикнала Невена.
– Ене го кај Коњарска Река – уплашено рекла Соња.
– Што прави таму – нервозно прашала Невена.
– Се бања и си ги трие копитата на каменот белутрак – продолжила да кажува Соња.
– Значи, таму е… Тргнувајте по мене! – тргнала кон Коњарска Река Невена, а по неа и сите коњарчани.
Кога стигнале таму кај што се бањал коњот, Невена му свирнала со уста трипати, уште трипати и… Не, никој не верувал, ама коњот молња излегол од реката, застанал пред Невена и ѝ се поклонил. Коњарчани подзинале од чудо. Почнале да ги тријат очите, демек не верувале што гледаат.
– Ова е чудо невидено – викнал еден од постарите коњарчани.
– Знае ли некој да ми каже што се случува – прашала Соња.
Е, драги мои, Невена го јавнала коњот молња, во истиот миг светнале две молњи, една на исток, друга на запад, потоа се исчистило небото, по некое време, со првиот мрак се појавиле и ѕвезди. Сите коњарчани, и старо и младо, гледале во ѕвездите.
– Ај, ене ја Северница – ќе подвикнел некој.
– Ја гледате Малата Мечка – подвикнало и едно детенце што знаело да брои и да пишува.
Едно детенце што не знаело колку години има, знаело ама ги покажувало со прстињата, толку многу се вознемирило, та почнало да трча и да вика…
– Ене ја големата кола! И нашиот коњ молња! Гледајте, ја влече колата! Ај, во колата е и убавата Невена!
Коњарчани гледале, гледале, ама како да не им верувале на сопствените очи. Ете, така било… Што, не било?! Не ми верувате?!

Ако ми верувате – арно, ако не – уште поарно! За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои ја содржат буквата Њ ги отклучуваме: коњ, молња, Соња, Коњари, камења, бања, Коњарска Река, дуња, корења, бања, коњарчани…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.