Фото: Дом на културата „Иван Мазов Климе“

Насловена како „Женско писмо“, синоќа во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, беше отворена изложба на 35 уметници од цела Македонија.

Отворањето на изложбата беше проследено со изведба на дел од монологот под наслов
„Шепотот на совеста“, посветен на жената од Микица Илова и интерпретација на познатите песни напишани за жената од Блаже Коневски, Ацо Шопов, Мирослав Антиќ, Пабло Неруда и Виктор Иго. Учениците од гимназијата „Добри Даскалов “ и ЗШУЦ „Ѓорче Петров“ беа дел од поетскиот перформанс во кој беа вклучени и авторски песни посветени и инспирирани од жената.

Фото: Дом на културата „Иван Мазов Климе“

Свое обраќање на изложбата имаа директорката на домот на културата Јулијана Туриманџова и претседателката на друштвото на ликовните уметници на Кавадарци Соња Самарџиева Поп Ицов.

– Оваа изложба не е само простор за уживање во уметноста, туку и простор за прославување на женската сила, талентот и влијанието што жените го имаат во нашето општество. Во секое дело на оваа изложба можеме да видиме различни аспекти на женската личност, сила и изразност. Секое дело на оваа изложба, преку својата уникатност и креативност го чини овој простор уметничко патување кое го прославува женското писмо. Чест ми е што денес сме во толкав број жени уметници , меѓу нив и млади. Вашата страст и ангажман во уметноста не само што го обогатуваат вашето лично искуство, туку и придонесуваат за културниот и креативниот живот на нашето општество кој носи нови и убави промени кои го отсликуваат новото време – рече во своето обраќање Соња Самарџиева Поп Ицов.

Домот на културата ја организираше изложбата во соработка со Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци. За директорката на домот на културата, Туриманџова, изложбата насловена како „Женско писмо“ носи многу силна порака и ќе остане запаметена како една од ретките изложби која на едно место собра толку многу дела на уметници од целата држава. Таа им порака на уметниците да бидат горди жени, мудри, достоинствени, истрајни и храбри во своето творештво и во иднина. Ми.М.

Фото: Дом на културата „Иван Мазов Климе“