Првата книга од годинашната кампања е „Мостот на Дрина“ од Иво Андриќ. Иако на книжевниот пазар се достапни повеќе различни и нелиценцирани изданија на македонски јазик на делата на Андриќ и на Меша Селимовиќ, „Антолог“ објавува дека од неодамна ги има единствените права за превод и дистрибуција на сите дела од овие двајца автори во Македонија

Година на книжевна класика

Во чест на 25 години од постоењето на издавачката куќа „Антолог“, оваа година ќе биде во знакот на класичните дела од светската и од домашната литература. Само во март ќе бидат објавени неколку наслови од епохални автори, кои извршија формативно влијание на своите книжевни следбеници.
– Од основањето до денес постојано се трудиме да им отстапиме најголем простор во нашата издавачка понуда на класиците создадени како од претходниците така и од современиците. Драго ни е што публиката го препозна тоа и прво нешто по што го асоцира „Антолог“ е квалитетот на продукцијата. Во последните години тоа нè инспирираше да започнеме проект на нови преводи или во некои случаи дури и први преводи на класични дела. Така што денес можеме да се пофалиме дека е објавен на македонски голем дел од творештвото на Франц Кафка, Станислав Лем, Меша Селимовиќ, Артур Конан Дојл… Во текот на годините внимателно ги одбиравме и преведувачите, кои не се анонимуси, туку се познати професионалци со долгогодишно искуство. Овие дела секогаш ги преведувавме од изворниот јазик, бидејќи забележавме дека дел од преводите што веќе со децении циркулираат меѓу публиката се анахрони или се преведени преку посредни јазици, пред сè, од соседството – велат од „Антолог“.
На сличен начин досега биле објавени и делата на Итало Калвино, Труман Капоти, Џорџ Орвел, Хулио Кортасар, Х.Л. Борхес, Жорже Амадо, Блаже Конески итн., а списокот во следниот период ќе биде дополнет и со книги на Ацо Шопов, Фјодор М. Достоевски, Николај В. Гогољ, Иво Андриќ, Антон П. Чехов и други. На сите овие книги ќе биде истакнато и името на преведувачот на предната корица, гест што токму „Антолог“ го воведе како стандард во македонското издаваштво.

Првата книга од кампањата – „Мостот на Дрина“

Првата книга од годинашната кампања е „Мостот на Дрина“ од Иво Андриќ, во нов превод од српски на Томе Сиљаноски. Проектот е реализиран во соработка со здружението „Иво Андриќ“ од Србија, кое е основано според последната желба на авторот целата негова оставина „да се зачува како целост“ и како легат да се чува за општествени и хуманитарни потреби.
– Тргнувајќи од високите идеали на единствениот добитник на Нобеловата награда за литература од просторите на поранешна Југославија се решивме да направиме автентичен превод што целосно кореспондира со јазикот и стилот на оригиналот. Иако на книжевниот пазар се достапни повеќе различни и нелиценцирани изданија на македонски јазик на делата на Иво Андриќ и на Меша Селимовиќ, „Антолог“ со гордост објавува дека од неодамна ги има единствените права за превод и дистрибуција на сите дела од овие двајца автори во Македонија – вели издавачот.
Иво Андриќ (1892-1975) бил југословенски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 1961 година. Во младоста бил член на револуционерното движење Млада Босна, а помеѓу двете светски војни работел во голем број дипломатски претставништва на Кралството Југославија низ Европа. Неговите дела најчесто се поврзани со животот во Босна за време на отоманското владеење. Родната куќа на Андриќ во Травник е музеј, а во неговиот стан во Белград е сместено здружението „Иво Андриќ“. Во негова чест секоја година се доделува Андриќевата награда за најдобар расказ напишан на српски јазик. Со „Мостот на Дрина“ монументално се воспева мостот во Вишеград како многуслојна врска помеѓу вековите и помеѓу Ориентот и Западот. Делото е едно од најголемите книжевни споменици за животот на луѓето од балканските простори, а во чест на овој роман, со помош на режисерот Емир Кустурица, во 2012 година е изграден Андриќград, кој се наоѓа на самото устие на реките Дрина и Рзав во Вишеград.

Ексклузивното издание „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов

Освен книгите на светските класици, наскоро од печат ќе излезе и ексклузивното издание „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов со поднаслов „Влог во современата македонска културна историографија“, а под редакција и со предговор на Јасмина Шопова.
– Наспроти познатиот лиричар, на страниците на овој „Автопортрет со седум прсти“ се исправа еден друг, речиси непознат Шопов – а сепак истиот! – кој со остро перо пишува за семожните „конфузии“ и „политикантските алузии“ во „нашата мала, нерасповиена литература“, за „литературните и уште повеќе нелитературни конфронтации“, за „стегите на аристократизмот и примитивизмот“, за нашата „провинциска препотентност“ и „особина да импровизираме“, за навиката да „си играме одговорност“ и „напластеното сало на нашето спокојство“. Но и за темните обиди да се покријат со лага страниците од нашата историја, за македонскиот јазик – „трн во окото на големобугарските шовинисти“. Како и за „улогата на поезија во националната афирмација“, за ослободувањето од регионализмот и зачекорувањето кон универзалното во нашата „сериозна и нова литература“, која го носи „здивот на почвата на која се родила и бојата на нејзиното небо“ – вели издавачот.
Со други зборови, за сето она што и денес нè докоснува, и тоа многу повеќе отколку што нашиот поет можел да поими кога ги објавувал овие свои размисли, во текот на неговите четири децении творечки и општествен живот, од почетокот на 1940-тите до крајот на 1970-тите години.
– Сите бесценети дела што ќе бидат објавени во текот на 2024 година се наша иницијатива и се самостојно реализирани како прилог на „Антолог“ кон македонската културна еволуција. Сметаме дека со ова општо добро ќе оставиме траен залог за сегашните и идните генерации – додаваат од „Антолог“. С.Ј.