Фото: Пиксабеј

Владата на Индија наредила група финансиски аналитичари интензивно да ја проучат и да ја предложат можноста за нова валута за надворешнотрговска размена

Индија, членка на БРИКС, ги проучува изгледите и употребата на новата валута брикс во однос на американскиот долар. Во медиумски извештаи од Индија се наведува дека Владата на Индија наредила група финансиски аналитичари да ја проучат и интензивно да ја предложат можноста за нова валута брикс. Инструкцијата упатува и на вклучување водечки финансиски интелектуалци и аналитички центри да дебатираат за формирање нова валута, која би била алтернатива на американскиот долар.
Владин функционер од највисок ранг од Индија даде изјава за медиумите под услов да остане анонимен, во која рече дека студијата за валутата брикс би можела да биде точка на разговор на следниот самит во октомври 2024 година. Шеснаесеттиот самит е планирано да се одржи во регионот Казан, Русија.
Официјалниот владин претставник рече дека нема штета во проучувањето на изгледите за нова валута брикс. Ако студијата оди добро, Индија би можела да биде првата земја што ќе ги прикаже добрите и лошите страни на новата валута во однос на американскиот долар.
– Воопшто не ја сменивме нашата позиција, но нема штета во студијата – рече изворот за „Бизнис стандард“.
Затоа, иднината на валутата брикс сега е во рацете на индиските официјални лица, кои очекуваат резултати од проучувањето на предлогот. Ако аналитичките центри заклучат дека нова валута ѝ помага на Алијансата, тогаш американскиот долар ќе се најде на тапет. Меѓутоа, ако аналитичарите заклучат дека алтернативната валута никому не му помага, американскиот долар би можел да си продолжи да биде со досегашниот статус во надворешнотрговската размена.
Индиските власти допрва треба да дадат детали за студијата бидејќи нарачките, сепак, како што е објавено, остануваат во сферата на доверливост. Претстојниот самит на БРИКС во октомври може да биде решавачки и да ја запечати судбината на американскиот долар. Медиумите низ светот веќе подготвуваат калкулации кои и колку сектори во САД ќе бидат погодени ако БРИКС го отфрли доларот за трговија.