Прелет на НАТО авиони над Стокхолм Глоуб Арена / Фото: ЕПА

Отстранета е и последната пречка пред Шведска да стане 32-та членка на најмоќната воена алијанса на светот, откако унгарскиот парламент минатата недела го одобри приемот на кралството во НАТО, по речиси две години одолевање на притисоци, молби и предупредувања од сојузниците, со што скандинавската држава зад себе остава 200 години на неутралност, како што истакна шведскиот премиер Улф Кристерсон

Шведска по повеќе од два века завршува со воената неутралност

Шведска повеќе од два века ја одржуваше воената неутралност, гордеејќи се што токму затоа е позната како „глобална совест“ и има репутација на меѓународен медијатор, при што веруваше дека таквата определба претставува гаранција на мирот. Но скандинавската држава поднесе кандидатура за членство во НАТО заедно со соседна Финска, во мај 2022 година, по избивањето на војната во Украина. А сега е отстранета и последната пречка пред Шведска да стане 32-та членка на најмоќната воена алијанса на светот, откако унгарскиот парламент минатата недела го одобри приемот на кралството во НАТО, по речиси две години одолевање на притисоци, молби и предупредувања од сојузниците. Унгарија и Турција претходно беа единствените членки на Алијансата што го кочеа пристапниот процес на нордиската земја.
– Шведска денес е држава што зад себе остава 200 години на неутралност и независност. Тоа е голем, но природен чекор и ќе го сфатиме сериозно. Членството во НАТО за нас значи дека се враќаме кон големиот број демократии што работат заедно за мир и слобода преку значително успешна соработка – кажа шведскиот премиер Улф Кристерсон по гласањето во Будимпешта.
Промената на расположението во Шведска во однос на неутралноста се согледува и во предупредувањето на тамошната власт на почетокот на годинава. Министерот за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин истакна дека „би можело да има војна во Шведска“, на што се надоврза шефот на вооружените сили Микаел Биден, кој порача дека шведското население треба „ментално да се подготви за можноста за војна“. Ваквата објава предизвика поделени мислења и вознемиреност во јавноста, но испитувањата на јавното мислење покажуваат дека поддршката во Шведска за прием во НАТО е зголемена во изминатата деценија.

Што добива Шведска, а што НАТО?

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја поздрави одлуката на Унгарија, истакнувајќи дека членството на Шведска во Алијансата „ќе ги направи сите посилни и побезбедни, додека германскиот канцелар Олаф Шолц порача дека сите сојузници ќе имаат корист од членството на Шведска. Со приемот на Шведска, НАТО добива пристап до стратегиски важната територија на скандинавската држава и можност да го претвори Балтикот во своевидно „НАТО-море“, опкружено со земји членки на Алијансата. Се смета дека нордиската држава ќе служи како логистички центар за одбранбено планирање, што вклучува и сценарија за транспорт на персонал и материјали на фиктивен иден воен фронт. Шведска со месеци се подготвува за членството во НАТО, со што во голема мера веќе се однесува како членка на воениот сојуз.
Скандинавците потпишаа и спогодба со САД, според која на Американците им овозможуваат пристап до 17 воени бази на нивната територија, додека истовремено ја почнаа интеграцијата во НАТО и најавија и испраќање трупи во Летонија, како што пренесува „Гардијан“. Шведска го враќа и цивилното служење на воениот рок, практика што беше отфрлена за време на Студената војна, а извесно е и дека ќе требa да го зголеми вложувањето во безбедноста како членка на НАТО. Значајна придобивка за НАТО треба да биде и приклучувањето на шведската армија, чија бројност се проценува на 38 илјади, исто како и на шведското воздухопловство и морнарица, но се смета дека Шведска ќе треба дополнително да ја модернизира инфраструктурата.
Од друга страна, Шведска за првпат ќе добие безбедносни гаранции според членот пет од повелбата на НАТО, во кој се наведува дека нападот врз членка на Алијансата се смета за напад врз сите други. Најновата членка на НАТО ќе добие и еднакви права во советот на воениот сојуз, како и можност за ставање вето.

Москва ќе преземе мерки од политичка и воено- техничка природа за да ги минимизира заканите по националната безбедност

Москва првично не даде коментар за одлуката на унгарскиот парламент во полза на членството на Шведска во НАТО, но руската амбасада во Стокхолм наредниот ден објави соопштение во кое беше наведено дека Русија ќе преземе мерки од политичка и воено-техничка природа за да ги минимизира заканите по националната безбедност.
Влезот на Шведска во воена алијанса непријателски настроена кон Русија ќе има негативни последици по стабилноста во Северна Европа и околу Балтичко Море, што претставува заедничко подрачје и никогаш нема да стане заднина на НАТО, какви изјави и да упатат „роднините“ на Шведска во НАТО. Русија ќе преземе контрамерки од политичка и воено-техничка природа за да ги минимизира заканите по нејзината национална безбедност. Нивната конкретна содржина ќе зависи од условите и опсегот од интеграцијата на Шведска во НАТО, вклучувајќи и можно распоредување трупи на НАТО, муниција и оружје во државата.
За шведскиот премиер Кристерсон, ваквата реакција на Русија е сосема очекувана, при што тој потсети дека Москва реагирала на таков начин и кога Финска се приклучила на НАТО.
– Познато е дека на Русија не ѝ се допаѓа што Шведска и Финска ќе станат НАТО-членки, но ние сме тие што одлучуваат за нашите избори. Ние сме на штрек, добро сме опремени и гледаме што прават тие – категоричен е Кристерсон.


Договор за набавка на авиони ја одоброволи Унгарија?

Пред неколку месеци, членството на Шведска во НАТО изгледаше далечно поради дипломатските спорови со Турција и со Унгарија во кои беше заглавено кралството. Низа палења на светата исламска книга Куранот во Шведска, минатото лето, значително ги влошија односите со Анкара. А владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан истовремено влезе во расправија со шведските власти, поради нивните критики насочени кон Будимпешта во врска со состојбата на демократијата во Унгарија. Дури и откако турскиот парламент го одобри приемот на Шведска во НАТО, Орбан се залагаше за дополнителни преговори, што го посочи и во отворено писмо до неговиот колега Кристерсон. На три дена пред одлуката во унгарскиот парламент, Кристерсон допатува во Будимпешта, каде што заедно со Орбан го соопшти склучувањето воен договор според кој Унгарија ќе може да купи четири авиони „грипен“ од Шведска.
– Да се биде член на НАТО, значи дека сме подготвени да умреме едни за други. Тој однос се гради со меѓусебна почит. Тоа ни даде време повторно да ја изградиме довербата помеѓу нас, која всушност беше нарушена – порача Орбан на средбата со Кристерсон.

Подготвил: Mарјан Велевски