Јужнокорејскиот хит „Игра со лигни“ стана најгледаната серија на Нетфликс во рекордно време од нејзиното објавување. Иако е контроверзна на многу начини, сетот на кој е снимена е крајно фасцинантен, а на нејзините обожаватели можеби ќе им се допадне идејата да можат од прва рака да бидат сведоци на нешто слично.
Штом пристигна на Нетфликс, на крајот на 2021 година, оваа драма со молскавична брзина стекна многу обожаватели. Еден од најважните моменти беа неверојатните сетови каде што играчите се бореа за живот само за да освојат голема парична награда. Највпечатлива локација секако беа скалилата-лавиринт што водат до игралиштето, кои во пастелни розови и зелени бои беа во остар контраст со белите „затворски“ соби во кои спиеја натпреварувачите.
Она што е интересно е фактот дека вакво нешто веројатно е инспирирано од Ла мурала роха, постмодерен станбен комплекс во медитеранскиот град Калпе, во Шпанија, каде што во моментов можете да резервирате сместување за вашиот престој.
Ла мурала роха е дизајнирана од шпанскиот архитект Рикардо Бофил во 1968 година. Тој беше познат по создавањето на некои од најпревртените и најхипнотизирачки згради во светот, но оваа конкретна зграда се смета за едно од неговите најпопуларни дела.
Апартманите во зградата сега се во приватна сопственост. Тие делат надворешна тераса и базен на покривот, а некои од нив се достапни и за изнајмување на популарните платформи „Букинг“ и „Ербнб“.
Апартманот има прекрасен поглед на морето, а се наоѓа во близината на природниот парк Пењон де Ифак, кој сосема случајно личи на островот на кој се одвива серијата. Најдобро од сè е што сите апартмани се на само 50 метри пешачење од Плаја де ла фосе, прекрасна песочна плажа со широк спектар ресторани и продавници.
Апартманот има висок рејтинг на двете платформи, а многу посетители оставија свои критики со пофалби за домаќинот, како и за услугата.

– Прекрасно искуство. Апартманот е одличен, многу чист и уреден, совршено опремен и многу блиску до плажата. Домаќините ни направија сѐ што беше можно. Дефинитивно ќе се вратиме овде – се наведува во еден од коментарите.
Во спротивно, ако планирате да ѕирнете во оваа зграда без да резервирате сместување, за жал, тоа нема да биде можно. Дека зградата нема јавен пристап и е затворена за посетители открил фотографот Димитар Караниколов, кој морал да изнајми сместување за да ја фотографира неверојатната зграда. Сепак, изгледа дека оваа одлука не му била тешка, па направил фантастични фотографии.
– Можете да поминете со часови талкајќи низ оваа населена „скулптура“, нејзините скали, многубројни тераси и тунели, а секој чекор открива нови и уникатни глетки за фотографирање. Никогаш не можете да се заситите од ова место ако сте љубител на архитектурата или фотографијата, а поголем дел од времето беше целосно празна, што е остварување на сонот – вели тој.