Овој меѓународен проект е дел од прославата на 45-годишнината од основањето на танцовата компанија „Далас блек денс тиатар“. Настанот ќе се одржи на 18-19 февруари 2022 година, во театарот „Ди енд Чарлс Вајли“ во Далас, Тексас

Танчарите од „Далас блек денс тиатар“ и македонските музичари ќе ги здружат силите во светската премиера на музика и танц во живо, исткаени од таписеријата на овој културен колаж. Џез-гитаристот Тони Китановски и оркестарот „Черкези“ ќе дозволат нивната музика да тече во музичка партитура додека танчарот-кореограф на „Далас блек денс тиатар“, Клод Александар Трети, ја трансформира музиката во страсни движења на танчарите, пренесува „Бродвеј ворлд“.
Овој меѓународен проект е дел од прославата на 45-годишнината од основањето на танцовата компанија „Далас блек денс тиатар“. Настанот ќе се одржи на 18-19 февруари 2022 година, во театарот „Ди енд Чарлс Вајли“ во Далас, Тексас.
Македонските музичари ќе отпатуваат за Далас, каде што двете групи ќе соработуваат на настапот. Танчарите ќе настапат додека бендот свири во живо на сцената. Ова не е првпат да соработуваат двете групи. Пред две години заедно имаа настапи и во Македонија и во САД, како дел од шестмесечната културна и уметничка размена. Резултат беше симултаната светска премиера на креативниот документарен филм „Д веј оф Клејв“, за афроамериканската историја и танцот во Далас и ромското наследство и музика во Македонија.
Тони Китановски и оркестарот „Черкези“ добија одлични меѓународни критики. Списанието „Ролинг стоун“ напиша дека „ретко кога Југоисточна Европа звучела толку космополитски“, додека весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за нив напиша: „Индивидуалната класа на неговите музичари потсетува на бендовите на Дјук Елингтон, Чарлс Мингус или Сан Ра…“.

Голема привилегија и радост ми е што повторно ќе соработувам со „Далас блек денс тиатар“. Високото ниво на извонредност, професионализам и посветеност на танчарите, кореографот Клод Александар Трети и целиот продукциски тим се неизмерно инспиративни. Ќе истражуваме на наш индивидуален уметнички начин и што ги поврзува нашите далечни култури, бидејќи сите сме пред сѐ луѓе на планетата Земја. Според мене, тоа е суштината на културно-уметничката размена и ако успееме да направиме некој во публиката да се почувствува помалку осамено на овој свет, ќе знаеме дека сме успеале – изјави Тони Китановски.
Кореографот Клод Александар Трети исто така вели дека е воодушевен од соработката со Тони Китановски.
– Моето патување во Македонија беше најубаво, огромно искуство, бидејќи запознав толку многу прекрасни луѓе, прифатив нови култури, пробав неверојатна храна и наидов на толку многу љубов! Луѓето се полни со живот и се надевам дека ќе ја покажам таа љубов кон животот во ова ново дело со Тони и одличните музичари од Македонија – изјави кореографот. М.К.