Тоде Новачевски, познатиот македонски музичар, композитор, пејач, професор, а пред сѐ голем човек, по тешко боледување ја загуби последната битка со канцерот. Тој почина во четвртокот во Мелбурн, Австралија, каде што живееше последните триесетина години, со огромна желба да се врати во татковината, но, ете, тоа не се случи. Ќе остане запаметен по многу творби, од класичната, забавната и народната музика, по големите хитови што ги отпеаја голем број наши пејачи, а најубавите беа резервирани за близначките Маријана, која стана и негова сопруга, и Росана. Сѐ уште со задоволство ги слушаме: „Признавам“, „Ако не исчезнам“, „А од љубов не се бега“, „Око мое“, „Свири ми брате цигане“, „Има една судбина“, која Росана ја отпеа со Наум Петревски, „Ангелина“ на Перо Христов… Тоде на македонските фестивалски сцени ги отпеа и „Верувај ми“, „Венера“, „Божилак“, а неговиот песоклив глас одекнува и во главната тема на култната ТВ-серија „Трст виа Скопје“.
Една од последните песни каде што се потпишува како автор на музиката е народната „Велат нѐ нема“, што ја отпеа Влатко Миладиновски, за која текстот го напиша Крсте Наумовски, која за кратко време стана химна на Македонците низ целиот свет.

– Последните две години куферите ми се спакувани, но најверојатно нема пак да дојдам во татковината. Си заминав кога ми беше најдобро и на приватен и на професионален план, бев почитуван на работа, како педагог во „И.Н.Луј“, но и како музичар и автор. Со мене беше Маријана, а ни се роди и првото дете, синот Филип. А отидовме само на една година – напиша во една од своите последни објави на Фејсбук овој голем автор.
Тој, со сеќавањата и фотографиите што ги објавуваше периодов, како да сакаше да се прости од сите и да им се заблагодари.
– Од љубовта, од вистината и од својата судбина никој не избегал. Не избегав и јас! Ако со некоја моја песна, музика, или каква било мала добрина сум ве израдувал малку, еве ми го најубавиот момент да сум најсреќен и најспокоен човек на светот, само заради тоа – гласи една од неговите неодамнешни објави.
Тоде Новачевски е роден во Битола во 1956 година, во семејство што било талентирано за музика. Ја засакал песната преку гајдата на неговиот татко Владо и кларинетот на неговиот помал брат Петре. По малку почнал и самиот да ги свири на хармоника омилените песни и ора. За неговиот развој како музичар, композитор и човек големо влијание имал неговиот професор Тома Прошев, кој подоцна му станал и кум, како и Томислав Зографски и Михајло Николовски и други професионалци, кои имале големо влијание на неговата наобразба и професионална ориентација. Неговите први излети во музиката биле одраз и на околностите во приватниот живот. Првите композиции му се поврзани со Кокан Димушевски, Славе Димитров и сетрите Маријана и Росана. „Да не беше така, најверојатно ќе компонирав само сериозна музика“, изјавил во една пригода Новачевски. Соработката со близначките од 1987 до 1992 година, која е исклучително успешна, со многу добиени награди и признанија и со отпеани песни, кои сѐ уште живеат и се пеат, за Тоде била најубав период во животот. Од 1992 г. во Австралија, тој не се реализира како уметник. Напротив, и тој и Маријана се оддалечуваат од музиката, а по десетина години и се разведуваат, но заедно се грижат за децата.
Сепак, со она што го создаде Новачевски, ја задолжи Македонија, како што напишаа голем број негови пријатели, колеги и почитувачи.
– Нашиот композитор, еден и единствен, човекот кој ни ги подари најубавите евергрини, скромен, голем, татко на моите внуци си замина во вечноста. Спомените за него и неговите песни, секогаш ќе бидат во моето срце – напиша Росана Сариќ Тодоровска, простувајќи се од Тоде Новачевски.