Просечната температура на површината на светските океани на почетокот на април достигна 21,1 степен, што е највисоко во историјата од почетокот на сателитското снимање.
Американската национална агенција за океани и атмосфера (НОАА) објави податоци од кои произлегува дека е соборен претходниот рекорд од 2016 година, кога во овој период од годината температурата на океаните била 21 степен, пишува „Гардијан“.
– Сегашната траекторија на пораст на температурата на океаните ги урива сите претходни рекорди, а бројките се чини дека ќе станат уште повисоки – рече климатологот од Универзитетот во Нов Јужен Велс, професорот Метју Ингланд.
Според него, феноменот Ла Ниња помогнал да се одржи поладна температура на океанот и покрај зголемувањето на концентрацијата на гасови во атмосферата што предизвикуваат ефект на стаклена градина.
– Тригодишниот климатски феномен Ла Ниња се ближи кон својот крај – рече постариот истражувач на НОАА, д-р Мајк Мекфаден.
Мекфаден истакнува дека овој период е завршен и сега „јасно и гласно“ ќе ги видиме сигналите за климатските промени.
Научниците велат дека во текот на оваа година е можно да се очекува климатскиот феномен Ел Нињо во тропскиот дел на Пацификот, а тоа би го зголемило ризикот од екстремни временски услови и нови рекордни температури на океаните.
– Многу од нашите прогнози покажуваат дека доаѓа Ел Нињо. Ако се случи тоа, оваа година ќе бидат соборени нови рекорди за топлина и во океаните и на копното – рече климатологот од универзитетот „Монаш“, професор Дитмар Доменгет.