Во новиот извештај што Светската здравствена организација (СЗО) го објави неодамна се покажа дека голем број возрасни, речиси секој шести човек во светот се соочува со неплодност во текот на својот живот.
Според СЗО, новото откритие ја нагласува итната потреба да се зголеми пристапот до висококвалитетна грижа за плодноста.
Организацијата исто така објави дека новите процени откриле дека има „ограничена варијација“ во распространетоста на неплодноста помеѓу регионите и дека стапките се споредливи меѓу земјите и нивоата на приходи.
Претходните истражувања од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) покажуваат дека една од пет жени од САД на возраст од 15 до 49 години не може да забремени по една година обиди, што се смета за неплодност.

Експертката за неплодност, д-р Асима Ахмад, главна медицинска службеничка и коосновачка на компанијата „Керот фертилити“, рече дека не е изненадена од новиот извештај на СЗО и дека бројот може да биде поголем од пријавениот.
– Порано се пишуваше дека едно од осум лица доживува неплодност, но секогаш мислев дека реалната бројка е многу поголема – изјави Ахмад за „Еј-би-си њуз“, додавајќи дека студијата на СЗО известувала само за жени и мажи што имале незаштитен секс во текот на една година без бременост и дека кога се вклучени истополови двојки, самохрани родители или други поединци, бројот на оние што бараат и имаат потреба од нега поврзана со плодноста е многу поголем.
Таа исто така ја нагласи важноста да се забележи дека иако „распространетоста“ на неплодноста е слична низ земјите, проучувањето на пристапот до нега во тие земји е многу поважно.
– Исто така, важно е да се забележи дека грижата за плодноста може да биде сложена во многу делови од светот – рече докторката, додавајќи дека различни земји и региони имаат различни закони и регулативи околу грижата за плодноста, што може да им го отежне пристапот на поединците до третманите што им се потребни.