Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска–Стојчевска, во однос на тековните активности поврзани со остварување на препораките на УНЕСКО, вели дека во моментов Работната група ја изработува новата нацрт-верзија на Законот за управување со Охридскиот Регион, во која има предлог некои одредби да бидат избришани, во насока на избегнување потенцијална закана за светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
– Спорниот член на кој укажуваат невладините организации, а кој се однесува на дефинирање на терминот „урбана трансформација“, во верзијата на новиот закон за управување се предлага да се брише. Се работи за термин на кој долго укажуваат и реактивните мисии во своите извештаи. Затоа решивме тој член да го тргнеме, односно да го видоизмениме за да не се дојде до мислење дека со тој член ние сакаме да придонесеме кон поголема легализација на дивоградбите. Напротив, се прави доста ригорозна селекција, односно скенирање на цел терен со помош на сите институции што имаат можност да го направат тоа, за да не се легализира ниту една дивоградба – изјави министерката Костадиновска-Стојчевска за Македонската радио-телевизија.
На прашањето околу последниот извештај на УНЕСКО, влијанието на невладиниот сектор и прашањето на дивоградбите, како и задржувањето на статусот на Охридскиот Регион, министерката додаде дека од страна на институциите секогаш се упатува апел до општините да даваат поопсежни информации во однос на дивоградбите. Таа објасни дека во предлог на новиот закон прецизно ќе се уреди и објасни темата со дивоградбите, за да не се добие впечаток дека ќе се пристапи кон нивна легализација.
Костадиновска-Стојчевска за МТВ истакна дека удел за позитивниот извештај од УНЕСКО имаше и соработката со Албанија, зашто за првпат оваа година беше изготвен и заеднички извештај од двете држави кон УНЕСКО.