Фрески во црквата Св. Јоаким Осоговски, Осоговски манастир / Фото: Николче Стојановски

Тајане како обичај што е поврзан со Иванден (7 јули/24 јуни), најдолго се задржал во Прилепскиот, Битолскиот и Крушевскиот Регион. Од обичаите што се изведуваат на овој ден, повпечатливи се оние што се поврзани со растението папрат. Имено, вечерта спроти празникот се бере папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата моќ да штити од неповолности. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди и други несреќи

Знаменитостите на Македонија

Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет, во кој се преплетуваат голем број обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на Свети Јован Крстител. Во македонската народна традиција овој празник е поврзан со летниот сонцестој, односно со периодот на долгодневицата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божиќ, денот поврзан со зимскиот сонцестој, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празника ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред сè со сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања. Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања, но најмногу се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало трипати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Во Прилепскиот Регион вечерта спроти Иванден групи момчиња и девојки собирале билки, со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно го носело ѓумчето на главата и него го викале Тајане, а другите оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните, каде што исто така пееле песни и собирале дарови, од кои подоцна правеле заедничка вечера. Притоа се пеело: „Tајане, Бојане, имам брат Свети Јоване, ункеши, ункеши, ункеши по маглата. По магла, по магла, по магла ситна роса, по роса, по роса, по роса мома боса. Играле момите крај манастирот, калуѓер гледа од пенџериња, фрли си шапка на ќерамиди, од ќерамиди на трендафилот, белата брада на берберница црната брада на касапница“.
Во Битола спроти Иванден на ѓум нанижувале секакви цвеќиња и му ставале тељ од невеста што гувеела. Во Крушево во ѓумот момите ставале прстења и на онаа што ќе бил пообелен, таа мома побрзо ќе се мажела. Во Преспа со многу обичаи и верувања девојките правеле кукла Иванка, која ја шетале низ улиците, пееле песни и собирале дарови. Во Мала Преспа на Иванден се пеела песната: „Ивано, Иван девојко, качи се горе на Иван, на Иванови врвови, да видиш поле втасано, втасано и обелено! Да видиш пченица класана, да видиш снопје врзани. Ивано, Иван девојко, што си вечера зготвила? Погача, пресна ’ржена, циронки со штир варени“.

Главата на Јован Крстител на мозаик во „Св. Троица“ во Радовиш

Во Радовишко за Иванден односно Јајновден жените одат во полето или по ридиштата и берат мирислива трева (повечерница) против молци. На самиот ден пред сонце берат нане – мирудија што ја врзуваат во вид на букети и ја оставаат да се суши. Исушена, во секоја пригода ја употребуваат како лек против повраќање и стомачни болести. Мирудијата набрана на Иванден се употребува и како лек против детски проливи на тој начин што ја иситнуваат меѓу рацете и ја стават на препечена кора од леб напрскана со оцет. Обичај е секоја домаќинка кога ќе излезе сонцето да ги извади целата волнена постела и облека надвор, во дворот, на јажиња спроти сонце. Така ги остават да стојат по неколку часа, а потоа ги тресат и повторно ги прибираат во ковчезите. Помеѓу алиштата стават од набраната трева (повечернина) против молци. Веруваат дека алиштата што ги фатило јајновденско сонце не ги напаѓаат молците.
Во Дебрца вечерта спроти Иванден се бере папрат, а тоа е поврзано со верувањето во апотропејската моќ на ова растение. Помал дел од папратот се откорнува од корен, другиот се сече над земјата. Овој папрат се става во постелата и на него се спие за здравје, што значи тој ќе ја чува постелата (со луѓето што спијат на неа) од разни болести и други несреќи. Утрото на Иванден, рано пред изгрејсонце, од папратот откорнат заедно со коренот се плетат венци што се стават во бавчите. Тоа се мали венчиња, со пречник од дваесетина сантиметри, што на четорошни (разгранети) стапчиња се ставаат на пиперот, празот, компирите и другите градинарски култури. Овој папрат треба да ја чува бавчата од разни непогоди и други несреќи. Тој чува да нема погано и да не ги јаде растенијата гриж (бубачки) туку, како што се вели, „да го јадат папратот, да не го јадат пиперот“.

Папратот на овој ден се користи и за прогнозирање на здравјето и напредокот на семејството. Навечер во стреата на куќата се заденува папрат, за секој човек во семејството по еден корен. Следното утро се гледа: чиј папрат е овенат, тој не ќе има напредок во годината што следува и се вели дека не е на арно. Исто така вечерта спроти Иванден или на самиот ден рано наутро жените берат растение што расте на ридските места и што се вика иванденче. Тоа растение набрано по овој повод се става во ковчегот со алиштата и тука се чува во текот на целата година за да ги заштитува од молци. Утрото на Иванден целата руба се распростира на чардаците на сонце и така се остава да стои цело претпладне. Освен верувањето дека тие алишта ќе бидат заштитени од молците, овој обичај е добра можност да се покаже која девојка или невеста има повеќе руба. Обичајот добил и натпреварувачки карактер, зашто по рубата се гледало не само богатството туку и работливоста на девојките, а тоа било решавачко при изборот на младите (бендисувањето), што некаде е задржано до неодамна. Д.Ст.