Центарот за современи уметности од Скопје, „СБункер“ од Приштина, Косово, и ВИН – Мрежа за интеграција на жените од Букурешт, Романија, утре во 19 часот ја отвораат изложбата „Уметници и бегалци“ во националната галерија „Чифте-амам“ во Скопје.
Изложбата е базирана на автентични сведочења раскажани од страна на украинските бегалци, директно од уметниците вклучени во оваа изложба за време на нивната посета на бегалските заедници во Романија на почетокот на март 2024.
На изложбата со свои дела ќе се претстават Ѓорѓе Јовановиќ (Македонија), Маја Танева (Македонија), Озбек Ајваз (Македонија), Бутринт Паша (Косово), Диела Вала (Косово), Андин Бакија (Косово) и Серхи Тиекхов (Украина).
Проектот „Уметници и бегалци“ има цел да ѝ ги раскаже искуствата од војната и агресијата врз Украина на публиката во Македонија, Косово и во поширокиот регион од Европа. Примарна цел на проектот е да ги поттикне бегалците да ги споделат своите приказни за агресијата со светот, користејќи ги емоционалната моќ на уметноста и посветеноста на уметниците за да ги трансформираат овие приказни и сведоштва во уметнички дела. Изработените уметнички дела што се претставени создаваат отворена порта за гласовите на бегалците од Украина да се слушнат во другите делови од светот преку универзалниот јазик на уметноста, придонесувајќи на тој начин во борбата со лажните вести и наративи што се однесуваат на агресијата врз Украина.
На почетокот на идејата за оваа изложба уметниците добија тешка задача да ги трансформираат личните приказни на бегалците од Украина во уметнички дела користејќи ја емоционалната моќ на уметноста да ги шират автентичните наративи на украинските бегалци и на овој начин да придонесат за ширење на вистината за војната и агресијата.
Уметничките дела на оваа изложба се претставени во различни медиуми. Од чисти скулпторски форми на Маја Танева и Андин Бакија до мобилни скулптури што создаваат уникатна инсталација на мобилите на Ѓорѓе Јовановиќ. Делото на Озбек Ајваз во вид на скулптурална инсталација изработена од метал бара интеракција со публиката за да се добие целосна слика за уметничкото дело. Косовскиот уметник Диела Вала и украинскиот уметник Серхи Тиехов решија да ги споделат своите ставови и изразување преку класичните медиуми на сликање користејќи различни техники и пристапи. Конечно, Бутринт Паша како изведувачки уметник и театарски режисер се обидува да ја вклучи публиката со својата монодрама создадена во стил на извонреден театар насловена „Кој ја сака мојата земја“.