Во галеријата на Македонскиот КИЦ во Софија е отворена самостојната ликовна изложба „Дамки“ од македонскиот уметник Перо Кованцалиев. Изложбата е составена од серијата цртежи и објекти од проектите „Капиталистичка авантура“, реализиран во 2020 година во Културно-информативниот центар „Кочо Рацин“ – Скопје во галеријата „Кора“, и „Политичка лиричност“, реализиран во НУ Музеј – Гевгелија во галеријата АМАМ.
Делата се изработени од микрочестиците што согоруваат од материјата, односно отпадот, фиксирани како цртежи на хартија, платна и други површини. Во овој случај тоа е текстилен отпад. Отпадот е обликуван во форми на факли (помали и поголеми) што горат под површините и на кои се фиксираат честиците. На овој начин, непосакуваната материја останува со нас видлива, да сведочи за нејзиното постоење во една естетска рамка што постојано ќе потсетува и ќе ја одржува свесноста во потрошувачките навики. Чадот како главен елемент во делата танцува исцртувајќи движења и форми, создава разнолик ритам во композициите. На овој начин некои од делата се исполнети со ведрина и леснотија додека, пак, други ја носат сета мачнина на современиот човек денес.
– Перо Кованцалиев во својот најнов проект насловен „Дамки“ уште еднаш длабоко навлегува во сериозноста на оваа проблематика, надоврзувајќи се на идејата, преку уметничката практика да се доловат суровите реалности и сложените последици од загадувањето, кое профитот како крајна цел и акумулирањето на капиталот го оставаат зад себе. Ова не е само проект што го разработува неконтролираниот консумеризам во денешното општество, туку хоророт и деструктивната моќ на непотребното и неконтролирано производство, кое како краен продукт останува да „тлее“. Исчезнувајќи во јазици чад, некогашните „сведоци“ на нашиот површен идентитет остануваат тивко да горат, немо сведочејќи за својата потрошна и излишна (над)моќ, исфрлени и неупотребливи на гигантските депонии, кои малигно ширејќи се, запоседнуваат сѐ поголеми површини од планетата Земја. Одовде, и со право, уметникот констатира: „Чадот денес е единственото орудие што веројатно ни помага да се ослободиме од вишокот материја. Но дали чадот денес ослободува или контаминира дополнително? Дали потрошувачкото општество е единствениот модел на живот што треба да го унапредуваме и развиваме“? – вели Ангела Витановска, историчарка на уметноста.
,,Дамки“ е проект составен од вкупно петнаесет дела изработени на хартија и платно, каде што микрочестиците што ги создава чадот од согорениот отпаден материјал, кој авторот го користи, фиксирани во форма на цртежи на хартија и платно, кои ја „исцртуваат“ работната површина, со намера да потенцираат дека дури и микроструктурата од согорениот отпад продолжува, истрајуваат во атмосферата претопувајќи се во дамки.































