Редакциска опсервација
Деновиве, во рамките на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург што се одржува од 3 јуни до денес, рускиот претседател Владимир Путин јавно порача дека Русија е подготвена и расположена да преговара со Украина за мир, врз основа на преговарачките рамки за кои се разговарало на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Енкориџ, Алјаска, во август 2025 година. Путин јавно на прес-конференција потврди дека предлозите на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната би можеле „да бидат основа“ за мировни договори, но дека би барале компромис од двете земји. И украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши војната, во објавено отворено писмо во јавноста. Изјавите беа дадени во ист ден, и на рускиот претседател и на украинскиот, така што тие два настапа во јавноста оставија впечаток на синхронизираност за искажување политичка добра волја од две инволвирани страни во воениот конфликт во Украина. А Енкориџ-платформата беше ставена во прв план.
Зошто разговорите меѓу Трамп и Путин во Енкориџ се ревитализираа
како рамка за можен крај на војната во Украина
Кога американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин слетаа во Енкориџ, Алјаска, во август 2025 година, светот очекуваше историски пресврт и пробив кон мирно решавање на воениот судир. Во тоа време, по повеќе од три години војна во Украина, илјадници жртви, уништени градови и најдлабока криза во европската безбедност од крајот на Студената војна, многумина веруваа дека токму таа средба може да го отвори патот кон мирот. Очекувањата беа огромни. Аналитичарите зборуваа за можен прекин на огнот, за нова дипломатска иницијатива, па дури и за почеток на завршните мировни преговори. Наместо тоа, по неколку часа разговори, двајцата лидери ја напуштија салата без потпишан документ, без заедничка декларација и без конкретен договор. На прв поглед, средбата изгледаше како неуспех. Но како што минуваа месеците, стануваше сè појасно дека во Енкориџ сепак било договорено нешто важно. Не конкретно почеток на мирот, туку рамката во која идниот мир би можел да стане возможен.
Зошто токму Алјаска?
Изборот на Алјаска не беше случаен. Географски, тоа е американска територија што се наоѓа поблиску до Русија отколку до поголемиот дел од САД. Политички, локацијата испраќаше порака дека Вашингтон сака разговори со Москва на неутрален терен, далеку од европските престолнини и од милитантната и либерална симболика што ја носат Брисел, Берлин или Париз. За Трамп, средбата претставуваше можност да покаже дека може да го направи она што неговите претходници не успеале, а тоа е да отвори директен канал со Кремљ и да го забрза патот кон завршување на војната. За Путин, пак, самитот претставуваше признавање дека Русија останува глобален фактор со кој САД мораат да разговараат.
Најчувствителното прашање на спорот беше ставено на маса
Од сите прашања што биле разгледувани, ниту едно не било толку чувствително како територијата. До моментот на средбата, фронтот во Украина веќе неколку години беше релативно стабилизиран. Русија контролираше значителни делови од источна и јужна Украина, а украинската контраофанзива не успеа да ги врати окупираните области во обемот што Киев го посакуваше. Според информациите што подоцна излегоа во јавноста, токму тука се наоѓала суштината на разговорите. Русија предложила мировно решение засновано врз реалноста на теренот. Со други зборови, линијата на фронтот постепено да стане новата политичка граница. Во Москва сметаа дека секој мировен договор што би барал целосно руско повлекување е политички невозможен. Од друга страна, Украина и нејзините европски сојузници предупредуваа дека признавањето на освоени територии би создало опасен преседан за идните меѓународни конфликти. Токму тука се судрија двете визии за мирот.
Донбас беше централна точка на компромисот
Доколку постои едно име што најдобро ги опишува разговорите во Енкориџ, тоа е – Донбас. Кремљ сметаше дека Донецк и Луганск се суштински дел од секое идно решение. Путин и по самитот повеќепати нагласи дека Русија не гледа можност да се откаже од овие области. Според дипломатски извори, една од опциите што се разгледувале била Украина да ја признае фактичката руска контрола врз најголемиот дел од Донбас, додека Москва би покажала подготвеност за компромиси во одредени периферни области.
За Киев, ваквата формула останува исклучително проблематична. Не само поради политичките последици туку и поради фактот што украинскиот устав не предвидува лесно откажување од државна територија. Оттаму, прашањето не е само каде ќе поминува границата туку дали украинското општество воопшто би прифатило таков компромис.
НАТО – нерешениот безбедносен јазол
Доколку територијата е камен на сопнување, тогаш НАТО беше вториот. Уште од почетокот на војната, Русија инсистираше дека украинското членство во Алијансата претставува закана за нејзината национална безбедност. Во Енкориџ ова прашање беше повторно отворено. Москва бараше Украина да остане надвор од НАТО и да се воспостави нов безбедносен модел што би гарантирал дека западните воени структури нема дополнително да се приближуваат кон руските граници. Американската страна не прифатила такво барање како готово решение, но според многубројни анализи токму тука се појавила идејата за алтернативни безбедносни гаранции. Наместо членство во НАТО, Украина би можела да добие посебен систем на меѓународни гаранции, воена помош и долгорочни безбедносни договори со западните држави. Дали таков модел би бил доволен за Киев, остана отворено прашање, што токму сега, во новата пригода, би можело да биде предмет на договор…
Европа стравуваше од „голем договор“
Еден од најголемите стравови во европските престолнини беше можноста САД и Русија да постигнат договор без активно учество на Европа. Во Берлин, Париз, Варшава и во Брисел внимателно се следеше секоја изјава што доаѓаше од Алјаска. Европските лидери стравуваа дека преговорите би можеле да доведат до нова верзија на политиката на сфери на влијание – модел во кој големите сили одлучуваат за глобалната судбина, а ЕУ, поточно либералните бриселски елити да немаат удел во тоа. Токму затоа, веднаш по самитот започнаа интензивни консултации меѓу Украина, САД и европските сојузници за да се спречи впечатокот дека Брисел е исклучен, односно како што во јавноста тоа беше прикриено со стравувањата – „Киев да не биде исклучен од процесот“!
Зошто немаше прекин на огнот?
Прашањето што многумина аналитичари низ медиумите го поставија беше едноставно. Имено, ако разговорите биле толку важни, зошто не донесоа барем прекин на огнот?
Одговорот лежи во огромниот јаз меѓу позициите на двете страни. Русија сакаше политичко признавање на освоените територии. Украина сакаше безбедносни гаранции и повлекување на руските сили. Ниту една страна не беше подготвена да направи доволно голем чекор за да се постигне непосреден договор. На тој начин, Енкориџ стана почеток на дипломатски процес, а не негов крај. Иако немаше потпишан документ, од разговорите произлегоа неколку принципи што и денес се спомнуваат како можна основа за мировно решение.
• Преговорите мора да се водат врз основа на реалноста на теренот.
• Прашањето за Донбас останува централно за секое решение.
• Безбедносниот статус на Украина мора да биде дефиниран со долгорочни гаранции.
• Конечниот договор не може да биде постигнат без директно учество на Киев.
• Вашингтон и Москва остануваат главните посредници во процесот.
Овие точки не претставуваат мировен договор. Но претставуваат политичка рамка околу која идните разговори најверојатно ќе продолжат да се движат. Енкориџ сега се ревитализира како една пресвртница. Историјата понекогаш не ги памети средбите според документите што биле потпишани, туку според процесите што ги започнале.
Во таа смисла, Енкориџ можеби ќе остане запаметен како местото каде што не беше постигнат мирот, но беше нацртана картата на можните компромиси, кои сега се реанимираат од засегнатите страни. Дали тие компромиси некогаш ќе бидат прифатени од Украина, Русија и Западот истовремено, останува најголемото отворено прашање, но индикаторите покажуваат дека ситуацијата созрева за тоа. Р.С.

































