Во координирана акција против терористичка содржина на интернет пронајдени се вкупно 14.200 објави кои се поврзани со иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), кој Европската Унија (ЕУ) го означи како терористичка организација, соопшти денеска Европол.
Утврдено е дека терористичката содржина се ширела на мејнстрим платформите на социјалните медиуми, како и на стриминг сервисите, сајтовите за хостирање блогови и самостојните веб-сајтови, а пропагандата е идентификувана на неколку јазици, вклучувајќи арапски, индонезиски, англиски, француски, персиски и шпански.
Европол наведува дека меѓусебната поврзаност на интернет сајтовите кои биле поврзани со ИРГЦ, и кои работеле на повеќе јазици, дала важен увид во онлајн-архитектурата на мрежата, а дека истражувањето на начинот на кој пропагандата на ИРГЦ се ширела на мрежата ги поддржало напорите да се следат и отстрануваат изјавите и видеоснимките произведени од прокси групи и поврзани ентитети, вклучувајќи ги милитантните групи Хезболах, Ансар Алах, Хамас, Исламски џихад и Хаџи.
Акцијата била насочена кон идентификување и попречување на онлајн присуството на ИРГЦ, кое се користи за ширење пропаганда, регрутирање поддржувачи и собирање средства.
ЕУ формално го означи ИРГЦ како терористичка организација на 19 февруари годинава, а оваа ознака им овозможува на органите за спроведување на законот да преземат мерки против активностите на нивните членови и ентитети кои ги поддржуваат во ЕУ.
Во откривањето и попречувањето на терористичката содржина на ИРГЦ на интернет, под координација на Европол, учествувале 19 земји – Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Холандија, Португалија, Шпанија, Шведска, Украина и Соединетите Американски Држави.
Како што се наведува, објавите се отстранети или се во процес на истрага и отстранување.
По акцијата на Европол, не е отстранет главниот профил на ИРГЦ на платформата Х, кој има повеќе од 150.000 следбеници, додека илјадници други линкови на неколку платформи се отстранети, или се во процес на истрага и отстранување.
































