Дозволите за лов на голем дивеч што ги издава Владата на Јужна Африка вклучуваат и извоз на тие животни. Одлуката да се дозволи лов на поголем број слонови, Владата ја образложи со растот на нивната популација. Властите велат дека помалку од 0,3 отсто од овие животни се ловат секоја година.
Во земјите како што е Боцвана ловот на животни-трофеи се користи за финансирање на зачувувањето на екосистемите и живеалиштата. Така, црниот носорог е наведен како критично загрозен вид на списокот на Меѓународната унија за заштита на природата. Но бројот на црни носорози во дивината се удвоил на повеќе од 5.000 од историскиот минимум од пред три децении, пишува „Гардијан“.
Владата соопшти дека доделената квота за носорози се заснова на процените на популацијата, кои во моментов покажуваат тренд на раст. Од друга страна, ловокрадството на белиот носорог достигна кризно ниво помеѓу 2014 и 2017 година, кога во просек секоја година беа убивани околу илјада. Тој број минатата година е преполовен – на 451.

Овие животни се убиваат поради роговите, кои се шверцуваат во Азија, каде што погрешно се верува дека имаат лековити својства. Поради тоа, јужноафриканската влада објави дека ловот на леопарди ќе биде ограничен на животни постари од седум години и ќе биде дозволен само во регионите каде што популацијата на овие големи мачки е „стабилна или расте“.
Во Јужна Африка, ловот е профитабилен бизнис, кој донесе приближно 90 милиони долари во 2019 година. Приходите од годишните квоти за лов одобрени од Владата, како што најавија, одат за локалните маргинализирани и сиромашни рурални заедници каде што се ловат овие животни.