Најосамената куќа на светот, која се наоѓа на напуштен остров во округот Вашингтон во американската сојузна држава Мејн, се продава за 340.000 долари. Таа е еднособна и се продава заедно со земјиштето на островот.
Изолираната недвижност е изградена во 2009 година и има прекрасен поглед на Атлантски Океан до 360 степени. Но имотот нема бања, ниту соседи, па токму затоа и го доби епитетот – најосамена куќа на светот.
Во огласот што се појави во американските весници се наведува дека „иако е малечка, дрвената куќа е идеална за оние што сакаат да живеат едноставен живот“.
– Нема подобро место за викенд, а ќе имате можност и да се дружите со фоките, кои се секаде наоколу – се наведува во огласот.
Куќата е доста слична на онаа од имотот „Само соба е доволна“ во Канада, која се наоѓа на најмалиот остров на светот, а во 1950 г. ја купило едно семејство како место за одмор. Наспроти малата површина од 300 квадратни метри, островот има и мала плажа за сончање.