Компанијата „Ролс Ројс“ доби зелено светло од британската влада за изградба на нуклеарен реактор за идна база на Месечината. Во соопштението за печатот со кое ја објави одлуката, Вселенската агенција на Велика Британија (УКСА) официјално потврди дека „Ролс Ројс“ е избран како производител на избор за изградба на прототип на нуклеарен реактор за потенцијална база на Месечината, пишува „Д фјучризам“.
Научниците и инженерите во компанијата развиваат истражувачка програма за она што го нарекуваат „микрореактор“, кој би требало да биде минијатурен реактор лесен за транспорт и поврзување („плаг енд плеј“), кој на крајот ќе обезбеди енергија за лунарната база.
– Британската вселенска агенција најави ново финансирање од 2,9 милиони фунти за проект што ќе овозможи првична демонстрација на лунарниот модуларен нуклеарен реактор на Велика Британија – се вели во соопштението на Владата.
Интересно, ова е вторпат периодов Британците да го изберат „Ролс Ројс“ за изградба на нуклеарен реактор. Истата компанија треба да управува со мал реактор за нови нуклеарни подморници како дел од трилатералниот договор АУКУС меѓу Велика Британија, САД и Австралија.
„Ролс Ројс“, најпознат како производител на луксузни автомобили, постои веќе 118 години и за време на Првата светска војна, освен за автомобили, почна да произведува и мотори за авиони. Тоа го прави до ден-денес, а малите нуклеарни реактори се нешто со кое компанијата експериментира само во последните неколку години.
Компанијата планира да има подготвен реактор за испраќање на Месечината до 2029 година. Релативно мал и лесен во споредба со другите електроенергетски системи, нуклеарниот микрореактор може да обезбеди континуирана енергија без оглед на локацијата, достапноста на сончева светлина и условите на Месечината.
Британскиот министер за наука, иновации и технологија Џорџ Фримен стави до знаење дека оваа инвестиција има смисла по претстојната лунарна мисија „Артемида“ на НАСА и дека луѓето се враќаат на Месечината за првпат по повеќе од 50 години. Имено, преку американско-европско-јапонската програма „Артемида“, на крајот на 2020-тите треба да започне изградбата на првата вселенска локација, која ќе може да смести екипаж и да орбитира околу Месечината. Таквата станица треба да биде чекор кон идејата за стационарна база на Месечината. Иако постојат планови за тоа како би требало да изгледа и да функционира станицата што ќе орбитира околу Месечината, идејата за база на Месечината е далеку од реализација, а неколку земји нудат свои идеи (Кина, Русија, СССР, САД).