Италијанските научници измислиле вештачки лист што може да се додаде во растенијата за да произведува електрична енергија со помош на капки дожд и ветер. Системот работи фантастично во услови на дожд и ветровито време и може да се напојува со ЛЕД-осветлување или да се напојува сам. Фабијан Медер, истражувач што ја проучува биоинспирираната мека роботика на Италијанскиот институт за технологија (ИИТ) во Џенова, рече дека системот може да биде практичен за земјоделски примени и далечинско следење на животната средина за да се набљудува здравјето на растенијата или да се следат климатските услови. За да може уредот да работи, се додава на листовите на вистинско растение.
– Кога листовите се движат на ветерот, двете површини се допираат една со друга и повторно се одвојуваат, создавајќи статички полнеж на кутикулата на листовите на растението и на нашиот уред. Овие полнежи се индуцираат во внатрешното клеточно ткиво на растението, каде што создаваат струја. Оваа струја можеме да ја собереме со помош на електрода вметната во растителното ткиво – изјави Медер за „ИЕЕЕ спектрум“.
И претходно постоеле вештачки лисја што користат слична техника за производство на електрична енергија од ветерот, но процесот на собирање енергија со помош на капки дожд е нов.
Истражувачите го всадиле својот систем на вештачки лисја во лисјата на живо растение олеандер и ја процениле неговата способност да произведува енергија. Резултатите покажаа дека поединечните капки можат да генерираат напон и струја поголеми од 40 волти и 15 микроампери и можат да напојуваат 11 ЛЕД-светилки.
– Резултатите покажаа дека со овој уред е можно собирање енергија од ветер и дожд, одделно или истовремено, што го прави мултифункционален собирач на енергија или сензор што се напојува – рече Барбара Мацолаи, директорка на Лабораторијата за мека роботика на ИИТ.
Таа објасни дека главната предност на овој систем за собирање енергија во однос на другите слични модели е тоа што, всушност, може да произведе повеќе електрична енергија во влажни услови. Другите вештачки лисја ја губат својата ефикасност кога е влажно.
Истражувачите сега работат на подобрување на перформансите на овој вештачки лист преку модификации на дизајнот, како што се формите на електродите и избраните материјали. Тие сакаат да ги тестираат системите во надворешни и многу променливи услови на ветер и дожд.