За првпат регионалната иницијатива „Нови лица 2023“ по минатомесечниот отворен повик ги избра десетте надежни млади музички професионалци (под 30 години) што се активно вклучени во музичката индустрија во регионот на поранешна Југославија. Меѓу десетте избрани професионалци на четири регионални фестивали и конференции, македонската музичка индустрија ќе ја претставуваат Нела Пешовска од „Пасворд продукција“ и Ерик Омерагиќ од Младинскиот културен центар.
Со овој отворен повик, на кој пристигнаа над сто пријави, македонската музичка конференција ПИН, како и фестивалите и конференциите „МЕНТ Љубљана“ (Словенија), „Контакт“ (Србија) и ШИП (Хрватска) се стремат да ги поттикнат младите професионалци, кои се клучен дел од растот на регионалната музичка сцена.
– Се надеваме дека иницијативата „Нови лица“ ќе стане годишен настан. Со тоа што им нудиме на младите можност дополнително да ги развиваат своите знаења и вештини, ние исто така ѝ даваме значење на нашата работа. Често забораваме дека музичката сцена не е само за изведувачите на бина, туку и за многу други што вредно работат зад сцената. Тука спаѓаат промотори на настани, новинари, издавачи, менаџери и многу други понекогаш скриени протагонисти на музичкиот бизнис – велат организаторите.
Десетте избрани млади музички професионалци ќе добијат влезници за регионалните конференции и фестивали, пристап до онлајн база на делегати, како и покриени трошоци за патување и престој на партнер-конференциите. Новите лица за 2023 г. се: Дино Гругиќ (промотор, Хрватска), Ерик Омерагиќ (светло и дизајнер на звук, сценски менаџер; МКЦ, Македонија), Лана Бауман (промоторка, Словенија), Лука Задро (менаџер, агент за резервации, промотор, Хрватска), Моника Гава (продуцентка, Србија), Нела Пешовска (агентка за резервации; ПИН конференција, „Таксират“, „Д Фестивал“, Македонија), Ник Грозд (промотор, Словенија), Растко Томиќ (музички уредник, Србија), Станислав Дрча (куратор, промотор, продуцент, Србија) и Тена Шарчевиќ (музичка уредничка, Хрватска).