Во „Јавна соба“ вчера д-р Александар Митов преку предавање ја промовираше својата нова книга „Преплетени со природата“. По објавувањето на „Водич за долговечност“ во 2018 година, д-р Митов со новата книга ја продолжува својата мисија да остави запишани рецепти за здрав и среќен живот. Овој пат се посветува на прашањето како одново да се поврземе со природата и со себеси.
– Благодарение на повторното воспоставување на подзаборавените врски, можеме да уживаме во здрав, исполнет и долг живот – вели д-р Митов, кој е долгогодишен просветлувач на патот кон здравјето.
Следејќи ги најновите научни студии за влијанието што начинот на живеење го има врз поединецот, тој успева да ја преточи медицинската наука во практика и во конкретни совети.
Настанот, кој е дел од низата „Отворени предавања за отворени умови“ во организација на „Три“, во чие издание е оваа книга, го отвори Александра Белчева-Бела. Предавањето, како и самата книга, е повик за будење преку запознавање со петте нишки на здравјето: исхраната, движењето, спиењето, микробиомот и блиските луѓе. Д-р Митов ќе ни помогне да разбереме на кој начин сме преплетени со природата, истовремено давајќи ни исцелувачки сознанија.