Третото издание на „Скопскиот поетски фестивал“ ќе се одржи периодот 24 до 28 септември, на неколку локации во Скопје: во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“. Ќе гостуваат поети од Данска, Малта, Франција/Сирија, Хрватска и од Србија, а ќе настапат и над 50 домашни поети. Официјалното отворање е закажано за 27септември, во 20 часот, во МКЦ,со настанот наречен „Воздух. Ветер. Дишење.“.
Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги и изложба на фотографии, ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе има музички концерт, мастерклас или работилница за креативно пишување поезија, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство и јога во природа со поетска медитација.
На 24 септември во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи „Отскочна даска“ – настан за млади поети на возраст од 16 до 25 години. Ќе читаат: Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасевски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски. Предвиден е и настанот „Неисцрпен ‒ трибјут ту Бошко Бозаџиевски“ (15 години од смртта), поетско-музички перформанс на ВИС „Тркалезна маса“.

На 27 септември во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ мастерклас/работилница за креативно пишување поезија ќе одржи Имануел Мифсуд, поет и универзитетски професор од Малта, наменета за млади. Во киното „Фросина“ е промоцијата на „Ново раѓање на зборот (антологија на младата македонска поезија)“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, со поетско читање на застапените млади поети и поетеси. Ќе читаат: Калиа Димитрова, Михајло Свидерски, Павлина Атанасова, Моника Стојановска, Диме Данов, Ивана Јовановска и др. На 28 септември во Градската библиотека е настанот „Аут енд абаут“ ‒ панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност надвор од границите на земјата преку преводи и учество на книжевни фестивали – искуства ќе споделат издавачи, автори и организатори на литературни фестивали. Ќе учествуваат: Билјана Црвенковска, Тодорче Тасевски, Владимир Јанковски, Петар Андоновски и др.

Во МКЦ ќе се одржи промоција на „Избор из савремене македонске поезије“, приредена и препеана на српски од Валентина Бакти. Ќе се одржи поетски перформанс и краток разговор со приредувачката Валентина Бакти и со Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, како и поетско читање на дел од застапените поети: Јовица Ивановски, Владимир Мартиновски, Тихомир Јанчовски, Тони Попов, Јосип Коцев, Наташа Сарџоска и Ненад Јолдески. Ќе биде отворена изложба на фотографии на Радмила Ванкоска (портрети на поетите застапени во изданието), како проекција на поетските филмови: „Кршливоста е дар, смртта е нестабилна, а светот е жеден за збор“ на Ѓорѓе Живадиновиќ-Гргур. Ќе има омнибус од четири анимирани филма посветени на поезијата на Ацо Шопов, како и интернационално поетско читање на Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта), Лана Деркач (Хрватска), Мартин Глаз Серуп (Данска), Николина Андова Шопова (Македонија), Драгослав Дедовиќ (Србија) и Ален Брлек (Хрватска). Краток музички концерт ќе одржи Александар Бошков (гитара).