Трето издание на „Скопскиот моден фестивал“

Третата интернационална сезона на забавно-културната манифестација повторно ќе ја забавува домашната и регионалната публика со богата ревиска програма. Модни ревии, уметнички перформанси, музички настапи и гала-забава претставуваат само дел од годинешниот уникатен концепт.
„Скопскиот моден фестивал“ три дена ќе ја слави модата во метрополата, на нова урбана локација – центарот за настани „Пјур најт клаб“ во Градскиот парк, каде што под блесокот на рефлекторите од 28 до 30 септември, последните колекции и дизајнерски дострели пред илјадниците гости и посетители на сцената ќе ги прикажат низа македонски и странски учесници. Официјалната ревиска програма ќе се одвива в четврток, петок и сабота од 18.30 до 22.30 часот.
Трите заштитни лица на третата сезона се интернационалните модели Аинура Јементајева, Тами Петковска и Кристина Велковска од „Моделс ин“. Организаторите традиционално изработија најавно видео и едиторијални фотографии, во соработка со дуото „Фроузен тајм дропс“. Како стилистка на кампањата се потпишува Ангелина Китановска. Извршен продуцент е Милан Атанасов, кој е креативен директор на фестивалот.
Девојките носат комбинации на ексклузивни креации од познати и еминентни имиња на нашата модна сцена: Билјана Каран, Ивана Кнез, КТН, Ла маисон Цеце Т. и Христијан Младеновски. Кошулите, од друга страна, го навестуваат пристигнувањето на брендот „Сербез“, чија деби-колекција премиерно ќе се лансира и ќе внесе освежување на „Скопскиот моден фестивал“.
По година и половина од првото издание, односно две одржани сезони, „Скопскиот моден фестивал“ може да се пофали со бројка на учесници од над 40 дизајнери, брендови и академии, присуство на повеќе од 100 акредитирани новинари, фотографи и претставници на новите медиуми, како и посетеност од речиси 15.000 гости во текот на ревиите, изложбените салони и придружните активности на настанот.