Марија Апчевска, селекторка на програмата за кратки филмови на „Манаки“

Веќе неколку години сте дел од „Манаки“ (23-29 септември) како селекторка на програмата за кратки филмови, па што ќе има публиката можност да види во Битола?
– На мое големо задоволство, дел сум од тимот и секоја година се обидувам во Битола да имаме можност да го видиме најдоброто од кратките филмови од светот. Селекцијата се состои од филмови од Белгија, Франција, Аргентина, Грција, САД, Португалија, кои премиерно биле прикажани на најважните светски фестивали, како Кан, Венеција, Локарно, Санденс. Имаме добитници на награди и, секако, домашни автори од новата генерација.
По кои критериуми се водевте при изборот на филмовите?
– Најважниот критериум е секако придонесот на кинематограферот во делото, бидејќи тоа е и главниот фокус и она по што е посебен нашиот фестивал. Тоа се филмови во кои визуелната нарација значително придонесува кон комплетниот наратив на филмот. Всушност, тоа е основата на секој филм и причината поради која филмот како медиум е многу повеќе од само приказна. Во согласност со тоа, мојот фокус, и како автор и како селектор, е да се обидам да го доближам тој факт до публиката.
Што е актуелно денес во краткиот филм, кои теми, начини на снимање, каква естетика…?
– Краткиот филм во изминативе неколку години доживува огромна експанзија. Се отвораат нови глобални можности за финансирање кратки филмови, на формата ѝ се навраќаат големи имиња, дури значајни фестивали креираат нови програми за да можат да прикажат повеќе кратки филмови. Една од причините за ова е секако долгиот и напорен процес на финансирање долг филм, па често авторите сакаат да бидат активни во процесот на чекање. Дополнително, она што е многу важно е дека краткиот филм има многу поголема слобода во однос на авторскиот израз и поголема независност за разлика од долгиот.
Каков е предизвикот да се снима краток филм?
– Главниот предизвик за авторите е да успеат да раскажат приказни што содржат цел еден свет, во само 10-15 минути. Тоа значи размислување во детали за секој кажан збор во сценариото, за секој единствен кадар и дали тие го движат филмот во правилна насока. Секако, тие се генералните правила за секој филм, краток или долг, игран или документарен, но предизвикот во краткиот филм е што тие правила треба да се применат во една многу тесна временска рамка.
Што претставува овој фестивал за македонската кинематографија?
– Оваа година „Браќа Манаки“ го прославува своето 44-то издание, бројка што никако не е за потценување. Во текот на изминатите години биле присутни сите мои колеги што сум имала чест да ги познавам, рамо до рамо со најголемите имиња од светската кинематографија и публиката, во кино или на кафе на Широк сокак. Верувам дека таа традиција ќе продолжи за генерациите што доаѓаат. Обемот на фестивалот и Битола како град се идеални за баланс помеѓу проекции, мастеркласови и учење, како и можноста за запознавање и непосредна комуникација, што може да биде недостижно на голем фестивал во голем град. Како битолчанка, која е израсната со „Браќа Манаки“, можам да кажам дека е значаен не само за македонската кинематографија туку и воопшто како еден од најважните културни настани во земјата. Се надевам дека ќе продолжиме да го сакаме и негуваме онака како што прилега.